Сите видеа на Инстаграм пократки од 15 минути отсега ќе се споделуваат како „Рилс“

фото: Инстаграм

Сите видеа пократки од 15 минути што отсега ќе се споделуваат на Инстаграм ќе бидат објавени како „Рилс“ видеа (Reels), соопштија од оваа социјална мрежа.

Компанијата ја тестирала оваа промена неколку недели и од денес ќе започне со воведување кај сите корисници во светот.

Промените се дел од напорите на Инстаграм да понуди поизвонредно искуство на цел екран на уредите.  Табовите за обичните и „Рилс“ видеата на профилите на корисниците отсега ќе бидат споени со цел да се создаде единствен дом за сите видеа на апликацијата.

Со ваквите промени, доколку профилот на корисникот е јавен, видеото што ќе биде објавено како „Рилс“ ќе може да го погледне секој корисник на Инстаграм и да го искористи оригиналниот звук за потоа да создаде свое видео. Доколку профилот на корисникот е приватен, пак, видеата ќе бидат видливи само за следбениците.

Покрај оваа промена, Инстаграм најави и воведување на нови начини за корисниците да креираат „Рилс“ видеа. Воведена ќе биде новата „дуал“ функција која на корисниците ќе им овозможи истовремено да снимаат и содржини, но и нивните реакции, преку користење на предната и задната камера на телефоните истовремено.

Социјалната мрежа ја проширува и својата „Reels Remix“ функција со нови можности. Новина е и „Ремиксот за фотографии“ што ќе им овозможи на корисниците да снимаат ремикси со јавните фотографии на другите корисници.

Од Инстаграм додаваат дека ќе продолжат со градење на функции што го олеснуваат и го прават позабавно креирањето и споделувањето на „Рилс“ видеа.

Алатката „Рилс“ Инстаграм ја воведе во јули 2020 година, со што влезе во конкуренција на ТикТок, дотогаш главната социјална мрежа за објавување кратки видеа.