Сите учебници за основно и средно образование ќе се прегледаат, почнувајќи од учебникот по географија за втора година

Фото: Кабинет на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби

Во согласност со Законот за учебници за основно и средно образование, сите неправилности и неправди во сите учебници треба да бидат прегледани и исправени, почнувајќи веднаш од учебникот по географија за втора година средно образование, за ова се согласија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за образование и наука, Мила Царовска и поранешниот министер за образование и пратеник Арбер Адеми.

„Со учебникот по географија за втора година средно, како и со другите учебници, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници. Овој дел од законот наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредува историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Република Северна Македонија“ велат од кабинетот на Груби по денешната средба на вицепремиерот, министерката и пратеникот.

Оттаму велат дека во периодот што следува ќе бидат разгледани сите учебници со цел да се стави крај на овие појави, односно недоследностите во учебниците.

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање на Порталб.мк неодамна рече дека навредливата содржина кон Албанците во учебникот „Географија на Македонија“ ќе биде отстранета оваа година, а постапката е веќе започната.

Претходно млади поддржувачи на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива одржаа прес-конференција на која учебникот го оценија како скандалозен бидејќи во него на страна 99 е напишано: „Меѓу денешните македонски Албанци има и родови кои себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род кој потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

Освен ова, за нив е спорно тоа што на 103 страница во учебникот стои, како што велат, „окупаторска Албанија на западна Македонија“. Напишаното на 104 страница го оценуваат како спорно, а тоа е делот во кој се наведува дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, како што пренесоа медиумите на албански јазик, на оваа страница спорно е и тоа што е напишано дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.