Сојузот на средношколци денеска достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование до Собранието, со кој бара сите ученици кои се запишани во јавните и приватните средни училишта, да можат да се возат бесплатно во јавниот превоз.
„Во државата има 71.000 средношколци. Од нив, 2.000 учат во приватните училишта. Ние бараме бесплатен превоз и за оние ученици кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето, а немаат право на бесплатен превоз. Превоз на учениците им треба и кога одат во летните месеци на феријална практика. И учениците со попреченост, односно учениците со посебни образовни потреби, го немаат ова право“, рече на прес-конференција претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
Новите предлози се доставени до претседателот на Собранието, координаторите на сите пратенички групи (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата; Коалицијата „МОЖЕМЕ“; ДУИ; Алијанса за Албанците), Клубот на млади пратеници и Комисијата за образование, наука и спорт. Сојузот бара поддршка од сите пратеници и очекува законот да биде донесен по скратена постапка.
Претседателката на ученичкиот совет на American High School – Скопје, Сара Тошева, посочи дека родителите на учениците во приватните училишта ги плаќаат истите даноци и давачки кон државата и оттука зачудува фактот што овие ученици немаат право на бесплатен превоз. Според неа, тие се дискриминирани.
„Не смее да се заборави дека во приватните училишта учат и стипендисти чии примања не се толку високи колку што мисли јавноста. Поради тоа, потребно е секој средношколец да го има ова право“, рече Сара.
Ако предлог-законот не се донесе во рок од најмногу два месеци, односно до мај, Сојузот на средношколци најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за уставните судии да ја оценат уставноста на сегашните одредби.