Македонски Железници-Транспорт и Општина Арачиново во октомври годинава се натпреварувале кој ќе потроши повеќе струја во однос на истиот месец лани.
Железница минатиот месец потрошила за 760 отсто повеќе струја во однос на октомври 2021 година, додека Општина Арачиново за една година ја зголемила потрошувачката за дури 474 отсто во споредба со десеттиот месец лани, објави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција.
Инаку, Владата им наложи на институциите уште во август да го почитуваат задолжението за штедење енергија од барем 15 отсто на месечно ниво во споредба со потрошувачката во месеците од минатата година.
Сепак, податоците од анализата за заштеда на електрична енергија во октомври споредено со истиот месец минатата година покажуваат дека најголемиот дел од органите на државната управа, институциите и јавните претпријатија успеале да заштедат струја од барем 15 отсто во октомври 2022 година во споредба со истиот месец лани.
„Среќен сум да кажам дека после првичните податоци за месец септември за заштеда на електрична енергија од страна на државните институции трендот на намалување на потрошувачката на струја продолжува“, изјави министерот Бектеши.
Согласно податоците на Електродистрибуција за заштедата на електрична енергија, произлегува дека административните згради на Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието, Владата, министерства, АД ЕСМ и АД МЕПСО имаат остварено намалена потрошувачка на електрична енергија во просек од 29 отсто, што е повеќе споредено со вкупната заштеда од 20 отсто остварена во септември.
Ова значи дека сите институции во октомври годинава имале најмалку 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија, што е согласно препораките и задолженијата кои ги донесе Владата.
Најмала заштеда на струја има кај Министерството за здравство од 18 отсто, а најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58 отсто.
Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32 отсто, кај Собранието заштедата во октомври е 22 отсто, кај Кабинетот на Претседателот на државата 24 отсто, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25 отсто, а кај МЕПСО 22 отсто.
Ако се земат предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија, агенции и управи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија во октомври 2022 година изнесува 24 отсто.
Согласно податоците потрошувачката на електрична енергија сумирана само на министерствата, заедно со сите единици кои се во склоп на надлежностите под одредено министерство, има намалување од 33 отсто.
Министерството за образование има постигнато најмала заштеда на електрична енергија од 24 отсто, а најголема заштеда има постигнато Министерството за животна средина од 94 отсто.
Бектеши додаде дека анализата на потрошувачката на електрична енергија во октомври 2022 година покажува дека вкупно 19 јавни претрпијатија во државна сопственост со сите подрачни единици имаат вкупната заштеда на струја од 17 отсто.
Во делот на општините, податоците за заштеда на електрична енергија покажуваат дека од 81 општина, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од кои 12 општини постигнале заштеда поголема од 50 отсто. Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто, од кои само три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022 година, споредено со октомври 2021.
Покрај Арачиново каде што има пораст на сметката на струја за 474 отсто во споредба со октомври 2021 година, зголемена потрошувачка во октомври годинава имале и Општина Студеничани за 11 отсто и Општина Лозово за 12 отсто. Исто така, општини како Македонска Каменица имале идентична потрошувачка во октомври годинава како и лани, а потрошувачката на струја во октомври 2022 година кај Карбинци и Росоман има намалување од само 1 отсто во однос на истиот месец од минатата година.
Бектеши напомена дека штедењето на струја кај општините не претставува задолжение, туку препорака до локалните самоуправи за кои нема санкции. Сепак, институциите на државно ниво нема да куртулат од санкции ако не штедат.
„Во случај да не продолжи овој тренд на заштеда на електрична енергија, јас кажав и претходно, сега можам да повторам, јас сум за ригорозни мерки“, изјави министерот за економија Бектеши, кој дополни дека владата заеднички ќе треба да одлучи за евентуални санкции за раководствата на институциите кои нема да постигнат резултати за штедење струја од минимум 15 отсто.
Воедно, на денешната прес-конференција Бектеши упати апел до сите компании и до граѓаните рационално да се користи електричната енергија.
„Со рационално трошење на струјата ќе се овозможи намалување на сметките за струја и за граѓаните и за компаниите кои ќе станат поконкурентни“, изјави Бектеши.