Секој ревизорски извештај за работа на јавно претпријатие во минатите пет години укажал на прекршувања на законите и регулативите, а ниеден не дал позитивно мислење за финансиското работење, утврдила анализата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје. ИДСЦС ги анализирал сите извештаи на Државниот завод за ревизија за јавни претпријатија во последните пет години, кои се вкупно 16, но наодите од оваа анализа се потврдени со други две истражувања за работењето на организациите од јавниот сектор, направени врз многу поголем примерок.

Во сите анализирани ревизорски извештаи на ентитети во државна сопственост има ревизорски наод поврзан со усогласеноста на работењето со законите и регулативите.

„Ова претставува сериозен проблем во државата ако се има предвид дека токму државните институции, законодавачите и регулаторите, му наложуваат на стопанството почитување правила, процедури, законски одредби и регулативи, а самите тие не ги почитуваат и не се усогласени во своето работење со нив“, се нагласува во анализата.

Покрај проблеми со почитување на законите, ревизорите во речиси сите извештаи (во 92 отсто) истакнале и наоди за проблеми со внатрешните контроли на работењето на претпријатијата.

Во ниту едно ревидирано јавно претпријатие државниот ревизор не изразил позитивно мислење за финансиските извештаи.

„Загрижувачки е фактот што нема позитивно ревизорско мислење во ниту еден од анализираните ревизорски извештаи, додека пак позитивно ревизорско мислење за усогласеноста со законите и регулативите е само кај 8% од избраните јавни претпријатија.“.

За повеќе од половина претпријатија ревизорите дале негативно мислење, а за секое четврто се воздржале од мислење.

„Во ситуацијата каде што ревизорот се воздржал од давање мислење,  во пракса претставува ревизорски извештај од најлош вид бидејќи сугерира дека документацијата е до тој степен несоодветна, неуредна, некомплетна и неточна, што ревизорот не е во можност никако да оформи мислење и да квантифицира наод“, налгасува анализата.

За две третини ревизорите дале неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, односно оцениле дека ги прекршуваат законите, а за само една четвртина потврдиле дека работат согласно законите. За четири од десет претпријатија ревизорите истакнале дека имаат судски спорови.

„Анализата покажува дека дел од претпријатијата нецелосно и неквалитетно прават попис, несоодветно ја документираат трговската книга, нецелосно и неточно ги утврдуваат приходите од наплата, не применуваат систематизација за работните места и приложуваат нецелосни и погрешни податоци за сметките, износите и направените корекции. Кај некои јавни претпријатија ДЗР забележува дека се вршела исплата на прекувремена работа која не била во согласност со Законот за работни односи, а дел од нив исплаќале надоместоци во поголем износ од тој утврден со закон.“

По наодите на ревизорите, малку повеќе од половина од претпријатијата дале своја реакција на извештајот. Три четвртини од нив не ги прифатиле ревизорските наоди за неправилностите во работата.

„Позитивно е тоа што ревизорот дава препораки меѓутоа неразумна е реакцијата од страна на ревидираните ентитети за неприфаќање на наодите без соодветен одговор по истите“, сметаат аналитичарите. Тие даваат позитивна оценка за ревизорите, кои и покрај негативните реакции останале на своите наоди, но нагласуваат дека не постојат информации што, и дали нешто воопшто, се сменило во работата на претпријатието по ревизорскиот извештај.

„Потребно е да се воспостави процедура за следењето на мерките/активностите преземени од одговорната страна како одговор на прашањата покренати во ревизорскиот извештај. Следењето треба се фокусира на тоа дали субјектот на ревизија соодветно ги решил покренатите прашања, вклучувајќи какви било пошироки импликации. Во случај на недоволни или незадоволителни мерки / активности од страна на субјектот на ревизија, може да се јави потреба од подготвување дополнителен извештај од страна на ревизорот и следствено соодветна реакција од страна на надлежните институции“, нагласуваат аналитичарите.