fbpx

Сите нè трујат, за мерките ќе почекаме

-

Загадувањето во Скопје измерено во 13 часот изнесува 161,83 микрограми на еден кубен метар, што е за трипати повеќе од дозвелените 50 микрограми.
Моментално, според податоците од страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, стои дека многу високо ниво на ПМ10-честичките е забележано во скопските населби Центар, Гази Баба и на мерната единица Ректорат, како и во општина Тетово. Во населбите Карпош, Лисиче и во општина Велес загадувањето е на високо ниво. Висока концетрација на канцерогените ПМ10-честички е забележана и вчера и во неделата.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека тие, во согласност со законот, се задолжени да го регулираат загадувањето кое доаѓа од големите капацитети, како фабриките и електроцентралите.
– Ние сме задолжени за големите капацитети, како фабриките и електроцентралите. За помалите загадувачи е задолжена локалната самоуправа и сите општини треба да направат акциони планови и да дејствуваат во согласност со тие планови – вели Сашо Секуловски од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Општина Карпош велат дека на своја територија ги имаат исконтролирано сите правни субјекти кои подлежат на контрола и постапуваат по пријава секогаш кога е добиена од граѓани или од правен субјект.
– Општината е само дел од Градот Скопје и како единица на локална самоуправа нејзините надлежности се мали, односно ограничени на мал број правни субјекти кои се контролираат. Поставена е една автоматизирана станица за набљудување на квалитетот на амбиенталниот воздух во основното училиште „Петар Поп-Арсов“ – велат од Карпош.

Од Градот Скопје велат дека тие преземаат мерки доколку 10 дена во континуитет е забележано повисоко ниво на загаденост од нормалното.
– Градот Скопје изрекува предупредувања кога пет дена по ред загадувањето го надминува дозволеното ниво. На 10. ден се преземаат мерки. Мерките кои ги презема Град Скопје се миење на булеварите и прскање на улиците со калциум-магнезиум ацетат. Бидејќи е прва година, прскањето ќе се врши само во централното градско подрачје. Улиците ќе се прскаат само доколу дозволуваат условите, односно ако влажноста на воздухот не надминува 80 отсто, инаку би немало ефект. Доколку условите за прскање се добри, тогаш со оваа мерка ПМ10-честичките би се намалиле за 10 до 20 отсто. Доколу условите не дозволуваат, тогаш прскањето ќе се одложи додека не се постигне дозволеното ниво на влажност на воздухот – вели Неделчо Крстевски од Град Скопје.

Во Општина Гази Баба велат дека една од мерките што ги преземаат е вршење контрола на автомеханичарските работилници поради сомневање дека согоруваат отпадни масла.
– Во сите контроли што сме ги извршиле досега не се забележани нерегуларности. Правиме контроли и на градилиштата за да видиме дали работат прописно. Најголеми фактори за зголемување на загаденоста на воздухот се индустриските капацитети, возилата и домашните огништа што користат дрва, а сè уште не постои правилник за нивно регулирање – рече Александра Аврамовска, инспектор за животна средина во Општина Гази Баба.

Од Општина Центар велат дека единствена мерка што ја преземаат се изрекување глоби за оние што го загадуваат воздухот, но досега не изрекле ниту една.
– Континуирано се вршат испитувања на нивото на загаденост на воздухот и доколку се забележи загадување, Општина Центар ќе изрече глоби на загадувачите. Тоа е единствената мерка што ја преземаме – вели Катерина Цаневска-Арсовска, од Општина Центар.

Во Битола нивото на суспендирани ПМ10-честички во воздухот во текот на вчерашниот ден било трипати поголемо или 143 микрограми на еден кубен метар, покажуваат податоците од мерната станица Битола 1. Загадениот амбиентален воздух битолчани особено го чувствуваат навечер, кога ќе падне маглата.

Само уште три дена и завршува мерењето на квалитетот на воздухот во Битола во мобилната мерна станица на „Фармахем“ ангажирана од здружението „За нас се работи“. По Божик, битолчани ќе имаат и конкретни информации за тоа кој е најголемиот виновник или виновници за загадувањето на воздухот во градот.
– До петок „Фармахем“ ќе го заврши мерењето на квалитетот на воздухот, а потоа најмногу за 14 дека ќе се знае кој е изворот на загадувањето. Анализите ќе се прават во Србија. Значи сега не разговараме за тоа дали воздухот е загаден, тоа е факт, туку кој е загадувачот – вели Горан Пинза од здружението „За нас се работи“.

Денеска здружението ќе потпише меморандум за соработка со Општина Битола, во кој стојат неколку точки. Прво, Општината со овој меморандум се обврза да ги прифати резултатите од мерењето на „Фармахем“, односно, локалната власт до крајот на февруари ќе мора да распише тендер за набавка на мобилна мерна станица. Таа станица ќе го мери квалитетот на воздухот четирипати во годината или во секое годишно време во период од две недели во следната 2015 година.

Битолчани сè уште немаат информација каде е лоцирана мобилната мерна станица. Здружението не открива од, како што вели, безбедносни причини, и единствено се знае дека е сместена во строгиот центар на градот, на приватен имот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...