Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека на средбата со приватните болници што се одржала вчера му било кажано од „Аџибадем Систина“ дека нема да ги намали цените за лекување на болните лица од ковид-19, додека „Жан Митрев“ изразиле подготвеност за вакво нешто и дека во текот на денешниот ден ќе потврдат дали ќе ги намалат цените за лекување.

На Филипче му кажале од „Аџибадем Систина“ дека немало економска логика за да ги намалат цените за лекување на ковид болните.

Како одговор на новинарско прашање, министерот за здравство појасни дека државата нема формално-правен механизам за да влијае на приватните болници да ги намалат цените за лекување на ковид болните.

Во однос на високите трошоци за лекови што ги даваат пациентите што се на домашно лекување од ковид-19, Филипче рече дека може да се интервенира само за оние лекови што се на позитивната листа и најави такво нешто може да се направи за „хепаринот“.

„Во таа смисла, веќе се покрена конкретно прашањето за замената на „хепаринот“ и мислам дека тука ќе најдеме некое конкретно решение со Фондот“, изјави министерот Филипче.