Сингапур гради еко-паметен град со 42.000 домови

Илустрација, Marina Bay Sands во Сингапур / Фото: Sandra Tan (Unsplash)

Со 42.000 нови домови низ пет станбени области, еко-градот Тенгах во Сингапур ќе биде 24-та нова населба изградена од владата на Сингапур по Втората светска војна. Со централизирано ладење, автоматско собирање на ѓубре и градски центар без автомобили, заштитниците на природата очекуваат дека со ова ќе се намалат емисиите на јаглерод во овој град-држава во југоисточна Азија, пишува Си-ен-ен.

Таканаречениот „шумски град“ поради изобилството на зеленило и јавните градини некогаш бил дом на фабрики за правење тули, а подоцна користен за воена обука. Локацијата од 700 хектари е обновена со широка секундарна шума во последниве години. Еколошкиот „коридор“ широк 328 метри ќе овозможи безбеден премин кон дивиот свет и поврзување на сливно подрачје од една страна, со природен резерват од друга страна.

Проектот е „табула раса“ за урбанистички планери кои се залагаат за принципите на зелен дизајн и „паметната“ технологија, според Чонг Фук Лунг, директор на групата за истражување и планирање во Сингапурскиот одбор за домување и развој (ХДБ), агенција што го надгледува јавното домување во земјата.

„Тенгах е чиста плоча. Одиме кон идеалниот концепт на сегрегација на сообраќајот, (со) сè што е под земја, а потоа нивото на земјата е целосно ослободено за пешаците, што е многу безбедна средина за сите. Ние сакаме град што овозможува лесно одење и возење велосипед“, рече тој во видео интервју, додавајќи дека велосипедизмот е особено актуелен во последните три до пет години.

Според главниот план, ќе се инсталира станица за полнење на електрични возила, додека улиците ќе се приспособат на новите технологии.

„Кога ја испланиравме патната мрежа, замисливме иднина каде автономните возила и возилата што управуваат самостојно ќе станат реалност“, рече Чонг.

Емисиите на Сингапур по глава на жител се поголеми од оние на Велика Британија, Кина и соседна Малезија, според Националниот секретаријат за климатски промени на земјата. Ова делумно се должи на климатизацијата, што претставува повеќе од една третина од типичната потрошувачка на енергија во домаќинствата. Метеоролошката служба Сингапур (МСС) предвиде дека, до крајот на овој век, просечните дневни температури во градот-држава може да бидат најмалку 34,1 степени целзиусови скоро секој ден во текот на осумте најтопли месеци од година

Како такво, задржувањето на свежината, сè повеќе, ќе биде неопходно за жителите. Затоа, студената вода, ладена со употреба на сончева енергија, ќе се испорачува низ домовите на округот, што значи дека жителите не треба да инсталираат неефикасни кондензатори на отворено, иако тие сè уште можат да ја контролираат температурата во своите станови.

Според снабдувачот на енергија во градот, СП Групацијата, ова ќе генерира заштеда на јаглерод диоксид еквивалентно на одземање на 4.500 автомобили од патиштата секоја година. Државната компанија за енергетика известува дека од веќе продадените станови, 9 од 10 идни жители се пријавиле за централизирано ладење.

Освен ова, „паметните“ светла ќе се исклучат кога јавните простори не се зафатени, а ѓубрето ќе се чува централно, со монитори кои откриваат кога треба да се собира ѓубре.

Од 42.000 домови што се градат на Тенгах, повеќе од 70 отсто ќе бидат ставени на располагање преку ХДБ со долгорочен закуп. Цените на двособните апартмани моментално започнуваат од само 108.000 Сингапурски долари (82.000 УСД), а првите станови треба да завршат во 2023 година.

Исто така, сите жители ќе имаат пристап до апликација што им овозможува да ја следат нивната употреба на енергија и вода

„Вие ги овластувате да преземат контрола каде можат да ја намалат потрошувачката на енергија“, рече Чонг.

Дигиталните дисплеи во секој блок во меѓувреме ќе ги информираат патниците за нивното колективно влијание врз животната средина, што дури може да ја поттикне конкуренцијата меѓу станбените блокови, според СП Групацијата.

Без оглед на тоа дали употребата на паметна технологија може значително да ги наруши емисиите на стакленички гасови или не, ангажирањето жители со сопствена потрошувачка може да предизвика промена во однесувањето, вели Перине Хамел, доцент на Азиското училиште за животна средина на Технолошкиот универзитет Нанјанг.

„Размислувањето за потрошувачката на храна и размислувањето за начинот на кој луѓето користат климатизација е дел од постигнување климатски цели. Промената на однесувањето ќе биде составен дел од него и, се разбира, урбанистичкиот дизајн е првиот начин да се влијае и да се промени однесувањето“, рече таа.

За Хамел, интеграцијата на природата и станбените области создава „повеќе можности за луѓето да комуницираат со природата“.

Покрај гореспоменатиот шумски коридор, жителите на градот ќе имаат пристап до земјоделско работење во таканаречената област за плантажи.

Природното друштво Сингапур (НСС) сепак го критикуваше планот за зачувување на премалку, односно помалку од 10 проценти од постојната шума на локацијата. Еколошката група предложи две дополнителни „основни шумски области“ на двата краја од зелениот коридор за промовирање на биодиверзитетот и заштита на миграционите видови.

Кога Тенгах за првпат беше откриен во 2016 година, тоа беше првиот нов град објавен од владата на Сингапур во последните две децении, што значи дека секое друго соседство е дизајнирано пред ерата на автономни возила и удобности овозможени преку Интернет. Чонг призна дека „не е така лесно“ да се изврши реконструкција на подземни патни мрежи и пневматски канти за отпадоци во постојните градови.

„Ние се обидуваме да ги научиме сите лекции и да одиме напред, секогаш кога можеме и најдобро што можеме. Гледате во Тенгах и накусо ја гледате иднината на она што Владата се обидува да го изгради: иднината на градовите“ вели Чонг.