Синдикатот на контролорите на летање на Македонија упатил предупредувачко писмо до Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) дека на 10 јули контролорите стапуваат во штрајк и го затвораат небото ако се продолжи со вработување непотребни партиски кадри наместо контролори ма летање, инженери и метеоролози, објави Сдк.мк.
Како што се наведува во објавата, незадоволството доаѓа по најновиот оглас распишан од тројцата директори Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, за вработување на нивни советници, како и лица со средно образование.
Како што пренесува медиумот, според нивни извори, ситуацијата таму била неподнослива, посебно по војната меѓу Израел и Иран, кога сообраќајот над македонскиот воздушен простор е зголемен и за 30 отсто.
„По затворањето на небото над Иран и Израел, цел авиосообраќај се слева кај нас. Тоа е многу, многу зголемен број на прелети, а ние сме со стар систем купен во 2001 година. Новиот не е имплементиран. И тој, новиот веќе не е нов, купен е во 2014 година“, велат во М-НАВ за Сдк.
Синдикатот дал рок до 30 јуни да се исполнат барањата, кои вклучуваат и имплементирање на нов АТМ (аеротрафик менаџмент) систем и извршување транзиција на новите технички системи.