Синдикатите пред ЈСП, Град Скопје пред Влада, плати за вработените нема

-

Откако утрово беше прекинат јавниот автобуски превоз во Скопје поради лажна дојава за бомба, денеска беа организирани два протести. На првиот, кој се одржа од 11 часот во автобазата на ЈСП во населбата Автокоманда, претседателите на синдикалните организации заедно со вработените, јавно побараа да им се исплати платата за месец септември. Во спротивно, како што рекоа утре во 4.30 часот наутро, на истото место во автобазата на ЈСП, ќе протестираат заедно со нивните семејства бидејќи се гладни и немаат пари за храна и ниту еден автобус утре нема да сообраќа. По овој протест, од 12 часот пред Владата протестираа в.д. директорот на ЈСП, секретарот на Град Скопје и неколку возачи на ЈСП. Тие го блокираа булеварот Илинден, тврдејќи дека парите за плата треба да ги исплати Владата.

Миќо Стојановски, претседателот на Синдикатот на работниците во сообраќајот и врските рече дека вработените во ЈСП се гладни, и тие и нивните семејства. Тој најави дека ќе упаднат на денешната седница на Советот на Град Скопје што е закажана во 14 часот и ќе бараат да им бидат исплатени платите.

„Ако денеска не добиеме плата, утре сме овде во 4:30 заедно со нашите семејства. Тоа значи дека автобусите нема да излезат“, рече Стојановски додека траеjа проверките на МВР поради лажната најава за поставена бомба.

Како што додаде тој, и понатаму секој 15-ти ден од месецот, кога е законски рок за исплата на плата, ако не е исплатена платата, автобусите на ЈСП нема да сообраќаат.

Присутен на овој протест беше и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, кој апелираше и до државата и до Градот Скопје да се исплатат платите, бидејќи нема да можат да ги извршуват своите работни задачи.

„Апелирам до градоначалничката бидејќи утре ниту еден автобус нема да искочи да врши јавен градски транспорт“, рече Димовски додавајќи дека работникот не смее да се злоупотреби од ниту една политичка партија. „Ние сме работници и штрајкуваме за нашите плати и нашите права си ги бараме согласно закон и согласно колективен договор“, рече Димовски.

Претседателот на Независниот синдикат на возачи, Африм Муча, најави тужба за клевета против в.д. директорот на ЈСП Александар Стојковски. Наводно, утрово Стојковски го обвинил Муча дека тој е крив за лажната пријава за бомба.

„Адвокатот е веќе ангажиран и ќе му поднесам пријава за клевета на директорот Стојковски, кој ме обвини пред сите дека јас сум бил тој, а јас немам никаква врска со оваа ситуација“, рече Муча кој посочи дека не знае кој го организира протестот пред влада, но тие сигурно нема да бидат таму.

Секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров (десно) и в.д. директорот на ЈСП Скопје, Александар Стојковски (лево) на денешниот протест пред Владата | Фото: Мета.мк

А, пред Владата, веднаш по овој протестен собир беа собрани десетина лица, меѓу кои секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, в.д. директорот на ЈСП, Стојковски и неколку возачи со своите автобуси.

Секретарот Глигоров ги повтори обвинувањата дека Министерството за образование и наука му должи на ЈСП два милиони евра за бесплатниот превоз на студенти и ученици. Тој тврди дека долгот е направен врз основа на одлука на влада за вршење субвенциониран линиски превоз за студенти и ученици во државните средни училишта. Како што посочи тој, нова одлука за ваков субвенциониран превоз не е донесена за 2022 година, но ЈСП и покрај тоа бесплатно ги вози студентите и учениците.

„Од МОН нема донесено нова одлука со која ќе се покрие субвенционирањето на превозот на студентите и учениците во периодот 2022/23. И покрај тоа ЈСП, излага во пресрет и ја остварува оваа функција“, рече секретарот Глигоров.

Тој додаде оти општините на ЈСП му должат уште околу 40 милиони денари, без да каже на кои општини мисли.

В.Д. директорот на ЈСП Скопје, пак, Александар Стојковски уверуваше дека вработените ќе добијат плата без да каже кога точно. Во однос на формално-правната основа поради која сметаат дека владата им должи пари, Стојковски рече дека тоа е според одлука на Владата, но нема некој договор на кој се повикува.

Спротивно на нивните тврдења, од Министерството за образование и наука велат дека немаат никакви долгови кон ЈСП. Како што додаваат оттаму, тие ги исплаќале сите обврски редовно според „регулирани законски надлежности“ или „склучени договори“, што не било случај со ЈСП Скопје.

Од Министерството се децидни дека во зимскиот семестар за студиската 2021-2022 година не е донесена одлука за субвенционирање на превозот за студентите бидејќи наставата се одвиваше онлајн.

„Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје“, велат од МОН.

Оттаму најавуваат дека ќе предвидат средства во буџетот за 2023 година за превоз на студенти ако наставата продолжи со физичко присуство, и по усвојување на владина одлука истите би биле префрлени на ЈСП.

Од МОН најавуваат дека во меѓувреме заедно со ЈСП ќе ги разгледале „можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство“.

Јавниот автобуски превоз во Скопје пред колапс, претпријатието бара пари од Владата

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...