Симнати од комисиска расправа законите за управување со отпад, Нуредини вели нема да се увезува РДФ отпад

Фото: Nick Fewings на Unsplash

Пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и владејачката ЛДП денеска ги симнаа од дневен ред на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија двата предложени закони за управување со отпад и за управување со пакување и отпад од пакување. Со 8 гласови „за“, тие ги надгласаа седумте пратеници од СДСМ и ДУИ, кои беа против симнувањето од дневен ред на овие закони, кои се наоѓаат на второ читање во оваа комисија, пред да одат на конечно гласање во Собранието на РСМ.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека тие гласале да се симнат овие закони од дневниот ред на собраниската седница, по барањето кое вчера го упатија 31 здружение на граѓани и високообразовни установи за да се организира јавна расправа пред овие два закони да се донесат од пратениците. Според опозицијата, пратениците на СДСМ и ДУИ поради тоа што биле надгласани, ја напуштиле седницата на оваа собраниска комисија.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска пред одржувањето на седницата рече дека во земјава нема да се дозволи увоз на РДФ отпад додека не се обезбедат услови за соодветна контрола, одговарајќи на вчерашниот допис што го упатија невладините организации.

„Деновиве во јавноста стана актуелно едно конкретно прашање во однос на увозот на отпадот што ги загрижува граѓаните. Би сакал да напоменам, дека предложената одредба е комплетно хармонизирана со ЕУ законодавството и Базелската конвенција, по кои всушност и ние самите, на пример, ги извезовме количините на винил-хлорид во ОХИС, или ќе го извезуваме линданот кој ќе започне да се чисти од следната недела. РДФ-от кој е единствено дозволен за увоз за користење како алтернативно гориво, е неопасен нерециклирачки комунален отпад, за кој има пропишано стандарди и кој емитува значително помалку емисии на СО2 и има поеколошки животен циклус од користењето на девствени ресурси, односно најчестиот мазут или петролкокс за што е замена. Затоа, во согласност со регулативата на ЕУ и принципите на циркуларна економија беше предвидена можност и за негов увоз, пред ние самите да почнеме да го создаваме од нашиот отпад“, изјави министерот Нуредини.

Тој додаде дека ја разбира загриженоста на граѓаните за недоволна контрола и нагласи дека деновиве разговарал со пратениците, по што дошле до заклучок дека на комисиска расправа ќе се адресира ова барање и заедно со пратениците ќе се направи измена за забрана на увозот на РДФ отпад.

Наспроти задоволувањето на ваквото барање за да се отстрани можноста за увоз на РДФ отпад во новите закони, Нуредини сепак не го разбира барањето од вчерашниот допис на 31 здружение на граѓани и високообразовни установи за јавна расправа за предложените закони.

„Овој пакет закони беше изработуван со години со помош на национални и странски експертие јавно достапен од 2019 година и беше консултиран на многу средби, на три официјални јавни расправи со физичко присуство на претставници на локалната самоуправа, комуналните претпријатија, стопанската комора, невладиниот сектор и граѓаните, чии коментари и предлози беа разгледувани и прифаќани и се исто така јавно објавени. Овие закони се можеби едни од најдолго и широко консултираните со јавноста, а јас не пропуштав да ги презентирам во речиси сите мои јавни настапи и гостувања“, рече министерот Нуредини.

Инаку, пакетот од шест закони за управување со отпад беа усвоени на владина седница во декември лани, по што веќе неколку месеци се одолговлекува нивното донесување во Собранието на РСМ. Европската Комисија во последниот извештај за напредокот на нашата земја за 2020 година даде критики во однос на управувањето со отпадот, меѓу другото, и поради тоа што законите за управување со отпад сè уште не се донесени. 

И од Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанска комора уште во мај годинава побараа што побрзо да се донесат шесте закони за управување со отпад, предупредувајќи дека правилниците од стариот закон имаат важност до 2020 година, така што во тековната 2021 година работата на компаниите кои управуваат со отпад не е правно уредена.