Професор Симеон Ананиев, фотографија ставена на располагање со дозвола на авторот

Мета.мк направи интервју со Симеон Ананиев, претседател на Здружението на вешти лица на Бугарија и професор на Универзитетот по транспорт „Тодор Каблешков“ од Софија по несреќата со автобусот на „Беса транс БТБ“ што се случи минатата недела на автопатот „Струма“ во близина на бугарскиот град Перник.

Несреќата на автобусот „Беса Транс БТБ“ на автопатот „Струма“ предизвика шпекулации за причината за несреќата, иако бугарските власти соопштија дека целата истрага ќе трае шест месеци. Според вас, која од можните причини за несреќата прво ќе се докаже или отфрли во истражната постапка и за кои можни причини на несреќата, на властите ќе им треба најмногу време за да ги потврдат или отфрлат овие варијанти?

Ананиев: Според мене, основната причина за несреќата е грешка на возачот, поради умор или заспивање може да му се одвлекло вниманието. Времето на несреќата било 2 часот по полноќ. Автобусите имаат ограничувачи на брзината на најмногу 100 километри на час. Со вештачењето ќе се утврди дали овој ограничувач е отстранет од возачот, како и колкава била брзината на движење, дали е над дозволените 100 километри на час…

Друга важна причина може да биде техничка неисправност на возилото. Според првичните податоци, автобусот е произведен во 2007 година. Дотичниот автобус во 2020 година има над 310 премини низ Бугарија, т.е. на секои 3 дена. Таквата експлоатација доведува до абење на основните елементи и потреба од многу добар сервис. Со вештачењето ќе се утврди точната старост и реалната состојба на елементите и деловите на автобусот, извршените сервиси итн. Одговорноста е главно кај возачот и фирмата што го поседува автобусот.

При мало пребарување откривме дека на интернет повратен автобуски билет од Истанбул до Скопје се продава и по цена од 25 евра, што е поевтин од повратниот автобуски билет од Софија до Скопје. Како е воопшто возможно за автотранспортните компании да заработуваат од толку ниски цени?

Ананиев: Не постои бизнис што може да работи со загуба и да продолжи да работи. Преминувањата преку Бугарија се на секои 3-5 дена. Економската анализа на приходите од полн автобус и фиксните трошоци за одржување на автобусот, разните сертификати и документи, горивото, платите за персоналот не се доволни за да се оствари профит. Во Бугарија се коментира дека приходите на компанијата-превозник можеби се главно од шверц на стока и превоз на мигранти.

Најголемата автобуска несреќа во Македонија се случи во февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ се преврте кај селото Ласкарци, при што загинаа 16 лица. Судењето за виновникот за тој инцидент трае две и пол години, а јавноста има чувство дека правдата е спора и дека евентуалните виновници можат да ја избегнат правдата. Сега во Бугарија ќе имаме нова истрага, потоа можност за покренување обвинение пред судот, па потоа судење. Кое е вашето стручно мислење, колку долго односно колку време вообичаено треба да траат случаите при вакви сообраќајни несреќи, вклучувајќи го и неопходното вештачење?

Ананиев: Целата процедура: предистражна постапка/истрага/со вештачење; кривичен суд од прва инстанца со вештачење; кривичен суд од втора инстанца; врховен суд како трета инстанца, ќе биде минимум 5 години, под услов случајот да не биде вратен на понатамошна истрага. На пример, железничката несреќа во Хитрино, Бугарија, каде што седум лица загинаа, а речиси 30 лица беа повредени по експлозијата на цистерни од воз, ја чека одлуката од трета инстанца.

Колку е строга контролата во Бугарија и Македонија и сметате ли дека контролата при извршување на меѓународниот превоз на патници со автобуси и комбиња е редовна?

Ананиев: Не знам колку сме блиски како народи, но како коруптивни практики и недостаток на контрола и одговорност сме на првите места во Европа. Не можам да кажам кој е понапред, но конкуренцијата продолжува. Во таа насока, она што се случи покажува дека нема редовна и ефикасна контрола при вршењето на превоз на патници во меѓународниот превоз со автобуси и комбиња. Не можам да си објаснам што работат државните органи – граничната полиција, царината, контролата на патниот превоз – многу структури, добри плати, а резултатите се гледаат.

Дали сметате дека треба да има законски измени во Бугарија и Македонија за да се подобри контролата на граничните премини, но и за да се спречат автобуски несреќи во иднина? Какви конкретни законски измени мислите дека треба да се направат во иднина?

Ананиев: Потребни се законски измени во Бугарија и Македонија за да се подобри контролата на граничните премини и да се создадат предуслови за спречување автобуски несреќи. Нормативната основа е како жив организам и мора постојано да се менува како што се менува и развива животот. Сепак, поважно е како држави да најдеме начин како да се придржуваме кон законите и нормативните прописи, но тоа зависи од нас самите, да не дозволуваме оние што сме ги избрале да нè водат, да создаваат коруптивни шеми за брзо збогатување, туку да се придржуваат до законите.