Извор на фотографија: Министерство за надворешни работи

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска во Скопје му беше домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

Целта на посетата помина во знак на унгарската донација на 6.000 дози од вакцината АстраЗенека наменета првенствено за припадниците на Граничната полиција.

„Донацијата е израз на благодарност на Република Унгарија за успешната соработка и улогата која нашата гранична полиција ја има во одржувањето на заедничката европска безбедносна политика. Овој пред сѐ хуман гест претставува и признавање за придонесот на нашата држава во справување со миграциските и безбедносните предизвици, кои сѐ уште се актуелни  и преставуваат отворено прашање за земјите членки и за цела Европа. Токму двете земји, преку својата соработка, даваат заеднички придонес кон стабилноста на целиот европски континент“, истакна Османи.

Во однос на евро-интегративниот пат на Северна Македонија, Османи и Сијарто  разменија мислења за внатрешните политички процеси поврзани со реформската агенда, но и за состаноците во Брисел каде на различни нивоа во Европската унија беше разгледувано европското досие на нашата земја. Министрите се согласија дека Северна Македонија е кредибилен партнер на Европската унија и притоа многу често извршува улога и учествува како составен дел на системот и механизмите на Унијата. Во тој контекст, операционализација на веќе донесената одлука за почеток на преговорите, би требало да биде следниот логичен и симболичен чекор за валоризација на постигнувањата на државата.

Министерот Сијарто, уште еднаш, го нагласи противењето на Унгарија за обременување на процесот на проширување на ЕУ со внесување на билатерални прашања како и дека ќе продолжат со својата конзистентна и гласна поддршка за наредниот чекор на Северна Македонија кон ЕУ.

Тој рече дека многу пати досега кажал и ќе повтори дека Унгарија е безусловен и посветен поддржувач на евроатлантските интеграции на РСМ, безусловно го поддржувала и зачленувањето во НАТО, и смета дека местото на земјава е во ЕУ.

„Ние сметаме дека ЕУ не може да е комплетна без државите од Западниот Балкан“, изјави Сијарто.

Двајцата соговорници изразија задоволство од интензивирањето на билатералната соработка, а беше постигната согласност за меѓусебно признавање на националните ковид-19 сертификати, со цел овозможување на непречено транзитирање и влез на вакцинираните граѓани на двете земји, како важна мерка за нормализација на состојбите во една нова пост-пандемиска фаза.

Министерот Османи објасни дека денеска со Сијарто се договориле дека во наредните денови граѓаните да можат слободно да се движат меѓу Унгарија и Северна Македонија со ваквиот сертификат за вакцинација и без друга административно-правна пречка.

Османи рече дека очекува идната недела да има поголема дипломатска активност, со цел да се дојде до решение за спорот со Бугарија, коешто би ни овозможило како земја да го преминеме овој чекор, за да може да се одржи првата меѓувладина конференција во јуни. Тој додаде дека не може да гарантира кој ќе биде епилогот од оваа активност.

За време на посетата на Сијарто, денеска се потпиша и Договор за соработка во областа на културата заедно со министерката за култура, Ирена Стефоска.