fbpx

Сифилисот постои со години, не „никнал“ после „ковид тиранијата“

-

Изнесеното во објавата што се споделува на Фејсбук е надвор од контекстот на прилогот на којшто се повикува самиот пост. Во оригиналната вест воопшто не се говори за никакво воскреснување на сифилисот, туку станува збор за едукативен, информативен напис за сексуално пренослива болест која отсекогаш постоела, и пред ковид пандемијата и по неа. Извештаи на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека во земјава случаи на сифилис имало и порано, на пример во 2006 година,  во 2011 година, во 2018 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува наслов од објавен медиумски напис кој гласи „Зголемен бројот на тестирањата за сифилис“ и линк до него. Во описот на самата објава се вели:

Наеднаш воскресна и сифилис?

После ковид тиранијата никна сексуално пренослива болест?  Аман бе.

„Од Клиниката за инфективни болести велат дека тестирањето за сифилис е дел и од лекарскиот преглед и кај пациентите кои се ХИВ позитивни, но и дека често доаѓаат пациенти кои имаат промена на кожата и на гениталиите а не се ХИВ позитивни.“

Меѓутоа, изнесеното во постот што го рецензираме, е надвор од оригиналниот контекст. Кога ќе се пристапи до оригиналната вест се доаѓа до заклучокот дека воопшто не станува збор за никакво воскреснување на сифилисот, туку дека станува збор за едукативен, информативен напис за сексуално пренослива болест која отсекогаш постоела, и пред ковид пандемијата и по неа.

Исто така, во телевизискиот прилог само се наведува дека е зголемен бројот на граѓани коишто бараат да бидат прегледани за сифилис, но не се кажува дали тие се позитивни на тестот или негативни и во колкав процент. Оттаму, не може да се говори за никакво воскреснување на сифилисот. Изнесеното во постот, надвор од контекстот на оригиналниот прилог, а особено бидејќи се споменува ковид пандемијата, може да даде погрешен контекст, дека сифилисот до пандемијата не постоел или дека се зголемил бројот на позитивни случаи после ковид пандемијата, што во оригиналниот прилог не е изнесено како податок. Тоа што поголем број лица бараат тестирање, не значи дека се позитивни на сифилис. Евидентно е дека прилогот е направен во едукативен тон, во него има изјава од доктор Милена Стевановиќ од Клиниката за инфективни болести и фебрилни во којашто таа говори дека сексуално преносливите болести не треба да бидат табу тема и ги опишува симптомите кои може да бидат причина да се направи тест за сифилис.

Членот 51 од Законот за заштита на населението од заразни болести налага дека задолжително е испитување на крводарителите и дарителите на ткива и органи, вештачка инсеминација за присуство на сифилис, вирусни хепатити Б и Ц, ХИВ инфекција и други болести кои се пренесуваат со човечки материјал. Извештаи на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека во земјава случаи на сифилис имало и порано, на пример во 2006 година,  во 2011 година во 2018 година.

Институтот за јавно здравје во 2018 година, кога немаше ковид има објавено Извештај за движењето на акутните заразни заболувања во земјава.

На страница 28 од Извештајот е претставена и табела за бројот на случаи од заболувањето, којашто покажува дека сифилисот постоел и пред ковид.

Во извештајот се наведува дека во 2018 година, се пријавени  8 случаи на сифилис што е двојно повеќе во споредба со претходната година. Во претходните 10 години пак, се регистрираат поединечни случаи, најголем број на заболени лица се регистрирани во 2010 година, вкупно 5.

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, затоа што се влече невистинит заклучок, дека само затоа што е зголемен бројот на тестирања за сифилис, се зголемил и бројот на позитивни случаи, односно невистинито се тврди дека после ковид пандемијата никнала сексуално пренослива болест. Тоа од оригиналниот прилог не може да се заклучи.

Станува збор за едукативен прилог, во којшто се говори за симптомите, превенцијата и начинот на дијагностицирање на сифилисот, кој како сексуално пренослива болест постои независно од ковид. Дополнително, во постот  се тврди дека ковид е тиранија, иако станува збор за болест предизвикана од коронавирусот. Во последните две години, за да се превенира ширењето на ковид-19, преземени се низа мерки и активности и на државно и на светско ниво, во бројни држави ширум светот почнаа да се администрираат вакцини, а самиот вирус мутираше во повеќе варијанти кои ја менуваа епидемиолошката слика од месец во месец.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измислена изјава на Фон дер Лајен пласирана како вистинска

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 15 април 2024 година никаде на изјавила дека во наредните 15 години најверојатно ќе нема проширување на ЕУ. Вакво нешто таа нема изјавено...