Шведска е победникот на годинашното издание на Евросонг, односно натпреварот за песна на Евровизија. Во Ливерпул, победата на својата земја вчеравчер ја освои Лорин со песната Tattoo.
Ова не е само седма победа на Шведска на натпреварот за песна на Евровизија во неговата децениска традиција, туку и вторпат токму Лорин да ја донесе победата на Шведска. Првиот пат таа тоа го стори во Баку, во 2012 година со песната Euphoria, потсетува официјалниот вебсајт на Евросонг.
Лорин влезе во историјата на Евровизија како првата жена која успеала двапати да победи на ова натпреварување. Во „машката категорија“ тоа претходно му појде од рака на Ирецот Џони Логан, кој двапати победи како пејач, во 1980 година со песната „What’s Another Year“ и во 1987 година, со „Hold Me Now“.
Лорин е родена во 1983 година во Стокхолм како Лорин Зинеб Нора Талхауи, во конзервативно муслиманско семејство кое емигрирало од Мароко.
Публиката во Шведска првпат слушна за неа во 2004 година на нивниот „Идол“ кога заврши на четвртото место и оттогаш нејзината кариера оди во нагорна патека.
На вчерашното финале во Ливерпул, Лорин со Tatto освои 340 поени од жиријата, оставајќи ги зад себе Израел со 177 поени и Италија со 175 поени. Но вистинскиот триумф уследи подоцна, кога беа соопштени резултатите од гласањето на публиката – Лорин ја донесе пбоедата на Шведска со вкупно 583 поени, а на второто место се пласираше Финска со 526 поени.
По нив, на листата беа Израел, Италија, Норвешка и Украина. Со тоа, во голема мерка се остварија претходните прогнози:
Вечерва се избира победникот на Евровизија, Шведска и Финска фаворити
Од земјите од Балканот што се пласираа во евровизиското финале, најдобро пласирана е Хрватска на 13. место. Албанија е на 23. место, веднаш зад Словенија, а Србија се пласираше на 26. место.
Подолу може да ги видите најавите за сите 37 песни што учествуваа во годинашниот избор на Песна на Евровизија. Македонија годинава воопшто не учествуваше – првпат по 20 години земјава не учествува на Евровизија, откако ваква одлука донесе Македонската радио-телевизија, наведувајќи ги енергетската криза и финансиите како главни причини за повлекувањето од натпреварот.