Шведска обвинителка бара повторно да го испита Асанж

Шведската обвинителка Маријана Нај, која ја води прелиминарната истрага за основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, за наводите за силување, подготвува нова барање за негово испитување во еквадорската амбасада во Лондон, соопштија од нејзината канцеларија.

Минатата недела работната група на Обединетите нации утврди дека престојот на Асанж во амбасадата на Еквадор е еднаков на незаконски притвор.

– Во врска со тој извештај, можам да изјавам дека тој не ја менува мојата претходна процена за прелиминарна истрага – наведе Нај.

Асанж во 2012 година најде прибежиште во амбасадата на Еквадор за да избегне екстрадиција во Шведска, каде се бара за распит по повод обвинението дека силувал Швеѓанка во 2010 година. Тој ги негира обвиненијата.