Шведска донираше опрема за мерење на загадувањето на воздухот вредна над 300.000 евра

Фото: Минитсерство за животна средина

Министерството за животна средина доби донација од Шведска во опрема за мерење на квалитетот на воздухот, вредна повеќе од 300.000 евра. Преку соработката на Шведската агенција за заштита на животната средина и Министерството во проектот „Поддршка на Северна Македонија во пристапувањето во ЕУ на полето на животната средина“, обезбедена е високопрецизна лабораториска опрема за мерење на квалитетот на воздухот.

Со тоа, како што велат од министерството, се подобрија капацитетите за мерење на осумте мерни станици распоредени низ земјата, каде што беа заменети 14 застарени мерни инструменти за РМ10, азотни оксиди и озон и беа инсталирани осум нови за следење на концентрацијата на РМ2.5. Овие параметри претставуваат стандарден сет на загадувачки супстанции што се следат и што имаат големо влијание врз човековото здравје.

Министерот Насер Нуредини, заедно со амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон и претставниците на  Шведската агенција за заштита на животната средина денеска ја посетија мерната станица „Ректорат“, како една од осумте мерни станици во кои е заменета старата опрема за мерење на квалитет на амбиентниот воздух.

„Замената на старите мерни инструменти и поставувањето нови во мониторинг-станиците во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух беше голем предизвик, особено затоа што тоа значи подобрување на системот, кој е единствениот официјален извор на податоци за квалитетот на воздухот на национално ниво“, изјави министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Амбасадорката на Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон, истакна дека загадувањето на воздухот претставува глобална здравствена криза и потребно е да ги насочиме напорите за нејзино решавање во најкраток можен рок.

„Добро е познато дека нивоата на загадување на воздухот во македонските градови, голем број денови, особено во текот на студениот период од годината, ги надминуваат препораките на СЗО. Токму затоа, Шведска е горда што може да ги поддржи напорите за решавање на ваквата ситуација“, изјави амбасадорката Бенгтсон, нагласувајќи дека новите мерни инструменти ќе овозможат подобри податоци за квалитетот на воздухот и ќе им помогнат на луѓето да носат одлуки врз основа на информации.

„Со оваа донација на инструменти ќе им се помогне на јавноста и на лицата одговорни за носење одлуки во Северна Македонија подобро да разберат кои загадувачки супстанции се наоѓаат во воздухот“, рече Кристијан Силвер, раководител на проектот од Шведската ЕПА. Исто така, истакна дека на лицата одговорни за носење одлуки им се потребни сигурни податоци со цел примена на ефикасни мерки за борба против загадувањето на воздухот.

На средбата, министерот Нуредини упати благодарност и за поддршката за надградба на Системот за управување со податоци (AIRVIRO), како и за воведувањето на софтверот RAVEN за известување за податоците за квалитетот на воздухот до Европската агенција за животна средина.