Домашната јавност веројатно слушнала за малата Швеѓанка Грета Тунберг и нејзините петочни штрајкови пред Парламентот на оваа земја со барање политичарите сериозно да разберат дека мораат нешто да сторат за да се спречи глобалното затоплување пред да биде предоцна, но, впечаток е дека климатските промени се далеку долу на листата проблеми кои ја загрижуваат.

Група млади луѓе од Скопје, собрана околу, сега веќе глобалната иницијатива „Fridays for future“ се обидува токму тоа да го промени во нашата држава, со став дека, и покрај сериозните политички и економски прашања кои ги загрижуваат македонските граѓани, пред овој глобален феномен трајно да ја загрози нивната иднина. На оваа тема „Мета“ разговараше со Иво Босилков, докторант од Милано и личноста која беше во зачетокот на оваа иницијатива во Македонија.

Македонија е потписник на Парискиот договор, но впечаток е дека глобалното затоплување овде воопшто не е тема. Fridays for future Skopje се обидува да го сврти вниманието кон овој проблем. Како ќе ги натерате и власта и граѓаните да го вклучат алармот, кога во јавноста уште поминуваат изјави како онаа на Јани Макрадули од 2017 година- „ќе бидеме климатски шампиони“?

– Не верувам дека властите воопшто знаат што им значи таа фраза “климатски шампиони”. Фразата делува тотално празно и бесмислено, претпоставувам дека е за надворешна употреба, за да создадат впечаток пред ЕУ дека им удоволуваат на барањата. Во реалноста тие немаат направено ништо во борбата против климатските промени, само „ќе ова“, „ќе она“.Во таква ситуација, кога граѓаните ги држат што подалеку од проблематиката, нормално е дека ќе знаат малку за неа. Се обидуваме да им укажеме на граѓаните дека ова е најголемиот проблем со кој ќе се соочи оваа држава во блиска иднина. Тоа го правиме на повеќе начини, но особено преку нагласување на врската меѓу аерозагадувањето и долгорочното затоплување. Ако јавноста сфати дека термоелектраните, гасификацијата, транспортот, уништувањето на зелените површини не само ги загрозува нивните бели дробови сега, туку и ќе ја направи земјава буквално непогодна за живеење за некоја деценија, тогаш ќе го крене гласот против сегашните политики на мачкање очи.

Што е првото што Македонија треба да направи за да придонесе во напорите за намалување на афектите од глобалното затоплување? Што воопшто на тој план суштински може да направи сиромашна земја како нашата без план и без пари за сериозна транзиција во насока на намалување на емисии на ЦО2? 

План дефинитивно нема, ама за пари не сум баш сигурен дека нема. Многу поверојатно е дека неефикасно и корумпирано се менаџираат. Фрламе огромни средства на хидроелектрани или гасификација, наместо на масовно воведување на соларна енергија. Наместо трансформација на Скопје во велосипедски град и подобар јавен превоз, се шират и пробиваат улици, се фаворизира автомобилскиот сообраќај. Ќе и се застане ли на патот на градежната мафија и индустриските загадувачи? Проблемот е токму тоа што нема долгорочен, систематски план, и сите мерки се импровизација од денес за утре. Ако се соберат експерти и се склопи еден холистички проект со централен мотив соочување со климатските промени, и ако тој проект се следи со години, транзицијата ќе биде успешна. Потребна е само волја.

Fridays for future“ се инспирирани од активноста на младата Швеѓанка Грета Тунберг. Колку идеите за кои се бори Тунберг им се блиски на младите во Македонија денес, колку можат да се идентификуваат со неа и нејзината борба во ситуација кога поголемиот број се или летаргицни или се борат за опстанок?

– Грета е идеја самата по себе, идеја за граѓани кои се свесни за сопствената околина, кои чувстуваат одговорност кон таа околина и кои не ја прифаќаат неправдата. Ова се вредности што инспирираат насекаде, па зошто не и кај нас, каде младите се особено незадоволни од системот. Да, тој систем исто така создава и апатија, но тук-таму изникнуваат млади луѓе со огромен потенцијал да бидат катализатор за промена. Тие ќе бидат хероите во претстојната битка, кои ќе ги поведат останатите. Кога ги гледам активистите од „Fridays For Future“ кај нас го гледам тоа, и не можам а да не бидам оптимист за иднината. Колку повеќе климатските промени стануваат проблем, толку повеќе ваквите деца ќе ги има. Медиумското присуство на Грета секако ќе помогне во тоа. Не можам да кажам дали сето тоа ќе биде на време за да се спречи климатскиот колапс, но се надевам.

-Како ќе изгледа иднината на државава доколку не се вклучи со радикални чекори во борбата против глобалното затоплување, што можат да очекуваат идните генерации во сценариото според кое Македонија останува зависна од фосилните горива, ги уништува и натаму шумите, водните ресурси, каде загадувачите не се гонат за штетните емисии, каде младите немаат изградена еколошка свест?

-Се уште не е предоцна да ја запреме претстојната катастрофа. На Запад и насекаде во цивилизираниот свет дуваат нови ветришта, ние мораме да ги следиме. Верувам во моќта на колективот, особено кога ни гори под нозете, како што е сега. Како што реков, оптимист сум за иднината, ако не се откажеме од борбата.