Шумските пожари изминатово лето биле ем побројни, ем покатастрофални и донеле рекордни емисии на CO2

Фото: Мета.мк

Службата за следење на атмосферата на ЕУ „Коперникус“ деновиве објави загрижувачки податоци за емисиите на стакленички гасови по катастрофалните пожари кои летово ја зафатија северната хемисфера на Земјината топка. Во текот на овогодинешната сезона во јули и август забележани се „екстремни пожари и по интензитет и по фреквенција“. Само во јули, на глобално ниво биле испуштени 1.259 мегатони на јаглерод диоксид, а дури половина од нив им се припишуваат на пожарите во Северна Америка и Сибир.

Во август 2021 година, научниците од „Коперникус“ откриле дека емисиите на CO2 изнесувале 1.385 мегатони на глобално ниво, а периодот се совпаѓа со огромните пожари што ја зафатија Европа, Русија и други делови на северната хемисфера. Со современата технологија на сателитско набљудување на пожарите речиси во реално време може да се пресметаат емисиите на стакленички гасови, но и степенот на аерозагадување од штетните честички.

На мапата која што пред два дена ја објави „Коперникус“ за Медитеранскиот регион, Македонија јасно е наведено дека во текот на август спаѓала во регионите со многу екстремна опасност од пожари, заедно со Турција, Грција, Албанија, Шпанија, јужните делови на Италија и северните делови на Африка.

Покрај огромните емисии на стакленички гасови кои се регистрирани летово, а коишто директно влијаат на покачувањето на просечните температури на воздухот во светот, од „Коперникус“ посочуваат дека токму регионите во коишто најмногу страдаат шумите од пожари имаат и најголеми последици од климатските промени, односно ваквите региони влегуваат „магичниот круг“ на негативно влијание.

Имено, во соопштението на „Коперникус“ се наведува дека сувото време и топлотните бранови што ги погодиле медитеранските земји придонеле за пожарите да добијат многу поголем интензитет и брзо да се прошират во регионите, што пак на крајот ги создало огромните емисии на јаглерод диоксид. Да потсетиме, „Мета.мк“ веќе пишуваше за рекордните позитивни отстапувања на просечните температури на воздухот во Македонија во изминативе години.

„Во текот на целото лето ја мониториравме активноста на пожарите на северната хемисфера. Она што се истакнува како невообичаено е бројот на пожари, големината на површината што тие ја зафатија, нивниот интензитет, и исто така, нивната истрајност“, изјави Марк Парингтон, виш научник и експерт за шумски пожари во „Коперникус“.

Тој очекува во наредните недели нови пожари во глобални рамки, бидејќи сезоната на пожари во Амазон во Јужна Америка допрва доаѓа.

„Загрижува фактот дека посушните и потопли регионални услови – предизвикани од глобалното затоплување – ја зголемуваат запалливоста и ризикот од пожар на вегетацијата. Ова доведе до многу интензивни и брзо развивачки пожари“, потенцира Парингтон, додавајќи дека климатските промени помагаат да се обезбедат идеални средини за развој на пожарите.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека заклучно со средината на август годинава, во Македонија биле опожарени 9.907 хектари шума во околу 150 пожари, при што предизвикана е штета од над 31 милион евра.