Шумите ни страдаат оти ги чуваат многу малку луѓе со оскудна опрема

Photo by Janusz Maniak on Unsplash

Да се инвестира во превенција од пожари и нелегална сеча на дрва, да се опремат противпожарните бригади со нови возила и повеќе човечки кадар, да се модернизираат шумската полиција и шумочуварите, а во системот на заштита на шумите да се внесат нови технологии. Тоа се главните заклучоци од јавната дискусија насловена „Справување со заканите против шумите: Институционални капацитети“, во организација на Центарот за Европски Стратегии-Евротинк.

Превенцијата на нелегалната сеча на дрва и заштитата на шумите од пожари е еднакво важна како и казнените политики. Злоупотребата на потенцијалот на шумите за нелегално обезбедување огревно дрво е децениски проблем во земјава. Последиците од тоа и од пожарите се огромни, а доколку многу брзо не се најдат ефикасни решенија за контрола на овие активности, влијанијата ќе бидат уште пострашни.

Само во 2020 година, регистрирани се 19.282 метри кубни бесправно исечена дрвна маса од шумскиот фонд на земјава, се наведува во податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Претходната година, пак, забележана е рекордна бројка кога дрвокрадците успеале да исечат 45.795 метри кубни дрвна маса на диво.

Една од најважните активности во борбата со нелегалната сеча е кревање на свеста за постоењето и големината на проблемот, смета директорката на ЈП Национални шуми, Јулијана Николовска и посочува дека превенцијата е најдобриот лек и заштита на нашето шумско богатство. Таа признава дека службите за заштита на шумите имаат слабости и дека е неопходно да се вложува во опрема и нови технологии.

„Шумочуварите и шумската полиција веќе добија нови возила и опрема. Формирано е и тело за заштита и управување на шуми, а се работи и Стратегија против нелегална сеча“, посочи Николовска.

Екплоатирањето на шумите за бесправно стекнување со дрвна маса за горење, според Саша Јовановиќ, раководител на секторот за шумарство и ловство во Министерството за земјоделство, е организиран криминал кој, според бројот на учесници е меѓу најмасовните во земјава. Смета дека мора да се работи на свеста кај граѓаните дека и купувањето на диво исеченото дрво е исто така кривично дело.

„Имаме институции кои се надлежни, но и покрај тоа проблемот си опстојува. Мислам дека ни недостасува желба да го решиме, ни недостасува цврст став до кој ќе се држиме сите и институциите и сите други организации“, вели Јовановиќ.

Едно од решенијата го гледа во системот за електронско следење на дрвната маса кој е во изработка и кој ги опфаќа сите корисници. Со него електронски ќе се проверува и следи секоја количина дрвна маса што ќе се става во промет. Граѓаните ќе можат да проверуваат во системот дали возило што пренесува дрва е легално или не и ќе имаат можност ако откријат криминал да го пријават. Од друга страна, државата треба да воведе мерки на стимулација на користење на други извори на енергија кај населението, со што ќе се намали притисокот врз шумите, а ќе има и еколошки бенефити.

„Работиме и на промена на законот за шуми кој треба да ни овозможи и други контролни механизми, на пример видео надзор на стовариштата,  инсталирање ЏПС следење на возилата што вршат транспорт и слично“, вели Јовановиќ.

Освен нелегалната сеча, пожарите се една од најголемите опасности кои ги демнат нашите шуми. Штетите секоја година се бројат во милиони евра, а годинава е рекордна. По врелото лето со екстремни температури и силни ветрови и пожарите на повеќе локации низ земјата, особено катастрофалните во Малешевијата, штетите се проценети на 37,5 милиони евра. Минатата година биле 1,3 милиони, а во 2019 година, 13 милиони евра.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека кај нас добро функционира раното предупредување, но ни недостасува брза интервенција на терен. Причина за тоа е слабата екипираност и опременост, но и лошата координација меѓу институциите.

„Ресурсите со кои располагаме се скромни. Имаме само два армиски хеликоптери за гаснење пожари, а авионите на Дирекцијата за заштита и спасување не се функционални. Но, и хеликоптерите не се пресудни, доколку немаме доволно луѓе во локалните противпожарни единици, кои ќе бидат добро организирани за да учествуваат во гаснење на пожарите. Заради тоа сметам дека мораме да вложуваме многу во превенција, така ќе заштедиме многу финансии и ресурси и ќе зачуваме преубави предели“, вели Стојанов.

За да се обноват уништените шуми и екосистеми кои настрадаа во пожарите летово ќе бидат потребни од две до пет децении. Штетата од беснеењето на пламените јазици на повеќе локации низ земјата од многу аспекти е немерлива, а укажа и на бројни слабости во системот на заштита и превенција.

Бројот на пожарникари е премногу мал, вели Тони Атанасов, командир на противпожарната единица во Штип, кој апелира последните пожари да ни бидат поука и конечно да почнеме да учиме од искуството. Во неговата бригада има само 33 пожарникари кои покриваат две општини.

За разлика од нас, во Австрија, има 260.000 пожарникари. Според искуствата кои ги пренесе Андреас Хендлер, еден од пожарникарите кои заедно со своите колеги од повеќе земји им помагаше на нашите во борбата со стихијата, кај нив пожарникар не е професија. Сите се доброволци, кои се организирани во над 4.700 бригади.

„Законот за пожарникарство превидува 13 локални единици плус таа на Град Скопје, кои треба да ги координира Дирекцијата за заштита и спасување. Можам да потврдам дека таа координација не постои, туку ние, командирите, кои лично се познаваме, самите си комуницираме и се договараме меѓу себе“, вели Атанасов.

Правилникот за заштита од пожари, посочува тој, предвидува превентивни мерки кои не се спроведуваат на терен. На пример, јавните шумски претпријатија се тие кои први мораат да излезат при пожар и мора да имаат и свои протипожарни екипи. Атанасов се жалеше и на опремата, особено возилата, кои се за урбани интервенции. Со секое излегување на терен се расипуваат, па пожарникарите, иако за неколку минути се подготвени, немаат како да заминат на терен.