Шукова: Во моментов нема услови за формирање Фонд за животна средина

Фото: Министерство за животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање добива средства од само три надоместоци за животна средина кои се наплатуваат од јавните претпријатија или фирмите, додека сите други се влеваат во државниот буџет. Во моментов, според новата министерка за животна средина Каја Шукова, нема политичка волја за промена на оваа практика, што значи дека нема ниту можност за формирање на Фонд.

Министерството годишно собира околу четири милиони евра на посебна приходна сметка, средства кои се наплатуваат од надоместокот за регистрација на моторни возила, од пластичните кеси, како и од издавањето на А-интегрираните дозволи. Овие пари, според Шукова, не се ниту приближно доволни за да може да функционира еден Фонд.

„Сметам дека сè уште не треба да се вратиме на тој механизам затоа што за сериозен Фонд за животна средина треба и сериозни средства. Во моментов само мал дел од надоместоците се прибираат на нашата сметка, која всушност ќе треба да ја замени Фондот. Треба да се има сериозна политичка волја за поголем дел од надоместоците да се дадат на министерството и на тој начин да се формира механизам кој ќе може да преземе дел од можностите за финансирање и ко-финансирање и на ИПА проектите или за финансирање на големи проекти како решавање на жешките точки“, вели Шукова.

Таа потврдува дека во Министерството со години наназад немаат информација колкави се средствата што се наплатуваат од сите надоместоци за животна средина, иако голем дел од нив тие самите ги пропишуваат преку различни решенија за јавните претпријатија и за компаниите. Од тие причини е многу тешко да се следи и нивната редовност во наплатата, заради што Шукова најави дека со Министерството за финансии ќе работат на софтверско решение за следење на побарувањата од надоместок и нивната реализација.

„Нема да изигруваме инспекција, немаме надлежности за тоа, но мораме да имаме увид дали сите решенија што ги издава министерството навистина се спроведуваат. На пример, пред извесно време имавме информации од Државниот инспекторат за животна средина, дека дел од јавните комунални претпријатија не плаќаат надоместок за води, па откако направивме спогодби започнаа да плаќаат“, вели Шукова.

Податокот колкава е висината на средствата кои се собираат како надоместоци за животна средина е клучна и за одлуката дали треба или не да има Фонд за животна средина. Шукова вели дека во краткиот период додека таа е министер за ова не се дискутирало во Владата.

„Сè уште не сме го отвориле ова прашање во Владата во периодот откако сум министерка, но не значи и дека нема да се дискутира. Кога ќе видиме дека ќе има волја најголемиот дел од надоместоците за животна средина да доаѓаат на нашата посебна приходна сметка, тогаш ќе имаме и основа за формирање на Фонд,“ вели министерката Шукова.

Барањето за повторно формирање Фонд за животна средина го отворија граѓанските организации кои работат на ова поле. Нивното барање е сите еколошки такси кои ги плаќаат граѓаните и компаниите да се слеваат на едно место и наменски да бидат потрошени, а граѓаните да имаат увид колкави средства се собрале и да добијат можност да ги почувствуваат бенефитите од нив.