fbpx

Штурото соопштение за опасноста од ИСИС треба да се дообјасни за да не создава паника

-

МВР мора да ја дообјасни ситуацијата, особено опасноста од поддржувачи на Исламската држава на Ирак и Сирија (ИСИС) во земјава, затоа што со штурото соопштение предизвикува или паника, или недоверба кај граѓаните, сметаат експертите.

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, смета дека ситуацијата требало да се дообјасни „во некоја форма“, а пензионираниот полковник Благоја Марковски, поранешен портпарол на АРМ, кој на таа позиција беше и во време на конфликтот во 2001 година, смета дека МВР треба или со соопштение да побара трпение од јавноста, ако операцијата е во тек, или веднаш да објави основни информации.

– Според сите анализи, се работи за превентивна операција на МВР, која е во функција на подготовка која тајните служби и МВР ја прават во услови на враќање на борци на Исламската држава. Извесно е дека ова била превентивна операција со претреси во куќи во кои живеат повратници или борци кои допрва ќе бидат вратени. Еден систем за превенција и на тој начин е спречено евентуално терористичко делување. Сето ова е изведено во соработка со некои од најсилните разузнавачки служби – вели Трајанов.

Тој не ја коментира одлуката на МВР да објави многу малку информации за случајот па да молчи,  но се согласува дека „ситуацијата требало да се дообјасни во некоја форма“.

Сепак, додава:

– Ќе ја дообјасните вие, новинарите. Нема потреба од вознемиреност. Зголемениот број вратени поранешни борци сам по себе претставува сериозен проблем, но мора да делуваат службите, затоа што учеството во странски војски е кривично дело и веројатно добар дел од репатрираните ќе бидат предмет на понатамошна постапка. Понатаму, за повратниците треба да следи процес за ресоцијализација и останати мерки според стратегијата за справување со повратниците – вели Трајанов.

Станува збор за сензитивни информации, но мора или да се побара трпение од јавноста или да се објасни ситуацијата, смета Марковски, кој има богато искуство во односи со јавноста во специфични безбедносни ситуации.

– Од една страна треба да се има предвид сензитивноста на податоците со кои располага МВР и од тој аспект може да се најде оправдување за штуроста на соопштението, додека не се разреши севкупната состојба. Но од друга страна, исто така треба да се има предвид дека недоволното информирање на јавноста за овој значителен настан предизвикува истовремено и паника, бидејќи не е објаснета сериозноста на ситуацијата, но и сомнеж дека воопшто постои таква сериозност – вели Марковски.

Тој смета дека МВР со дополнително соопштение треба да побара трпение од јавноста доколку операцијата сè уште трае, или, ако е завршена, да даде основни информации.

– Ова е особено важно затоа што македонската јавност, поаѓајќи од сите случувања во минатото, ја има делумно изгубено вербата во МВР, и на овој начин ќе се покаже дека сега сосема поинаку се постапува во рамките на министерството. Фактички, јавноста е соочена со фактот дали да биде претпазлива или пак да не му верува на МВР – оценува Марковски.

МВР во петокот со кусо соопштение информираше дека по размена на информации со партнерска земја за „потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведе оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот“.

За разлика од МВР, Амбасадата на САД и бугарското Министерство за надворешни работи објавија безбедносни предупредувања до своите граѓани во Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...