Mинистерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, денеска изјави дека на оние кои штрајкуваат во училиштата и во градинките, ќе им бидат исплатени само придонеси. Таа кажа дека тоа не значи дека врз вработените се прави притисок да го прекинат штрајкот, туку, според неа, тоа е само почитување на законите и колективниот договор. Согласно последната одлука на Советот на СОНК, штрајкот продолжува и утре.
„Во колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите“, кажа Тренчевска.
Таа потенцира дека членот 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат, па затоа смета дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат.
На прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков кажа дека одредени министри се обидуваат да ги заплашуваат штрајкувачите со неисплата на дневниците во деновите во кои штрајкуваат.
„Работодавачот е должен да исплати надоместок на плата во време на штрајк, во висина од основната плата на работникот, ако синдикатот организирал штрајк. Затоа не треба да се заплашуваат штрајкувачите. Понудените 10 проценти се бетонираат со заклучокот на Владата и не се остава простор за преговори. Бараме интензивирање на преговорите со конструктивни предлози, за да час поскоро ги усогласиме ставовите со МОН и МТСП“, ече тој.
Пред неколку дена Владата понуди платите на вработените да им бидат зголемени за 10 проценти, односно за околу 2.500 денари, но Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) ја одби понудата.
Вработени во дејноста детска заштита и образование се во штрајк од 11 април, барајќи повисоки плати.