Подглавна секција Штом ќе бидат одобрени 100-те милиони евра, може да се смета и...

Штом ќе бидат одобрени 100-те милиони евра, може да се смета и за реализирано ветување

Вистина е дека ветувањето може да се смета за „реализирано“ во голем дел, по одобрувањето на проектите од страна на Владата, пишува Вистиномер

Фото: sdsm.org.mk

Тврдењето на СДСМ дека Владата нема да го го реализира ова ветување во текот на годинава, бидејќи неможноста да се потрошат 100-те милиони евра била очигледна, е само половична вистина, зашто таквото тврдење содржи спинуван елемент. Вистина е дека ветувањето може да се смета за „реализирано“ во голем дел, по одобрувањето на проектите од страна на Владата, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Во соопштение на опозициската партија СДСМ се наведува тврдење кое може да се смета за делумно вистинито.

СДСМ: Нема да се реализираат 100 милиони евра за општините оваа година, уште една лага на ВМРО-ДПМНЕ

Уште едно разочарување и неисполнето ветување од Владата е на прагот. Имено, најавените 100 милиони евра за развој и поддршка на општините, ветени од оваа Влада, повеќе од јасно е дека нема да се реализираат оваа година. Ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не успева да ги оствари своите ветувања и повторно ја изневерува довербата на граѓаните…

[Извор: СДСМ – Соопштение – датум: 25.09.2024]

 

Образложение:

Тврдењето на партијата СДСМ дека немале да бидат реализирани 100-те милиони евра ветени за општините уште оваа година и дека со тоа се гледало уште едно неисполнето ветување на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, е полувистина.

Всушност, станува збор за став кој содржи елементи на спин, зашто буквално гледано, навистина нема да бидат исплатени 100 -те милиони евра, бидејќи физички е невозможно да се завршат сите јавни инфраструктурни проекти кои ќе бидат одобрени за реализација, но суштински ветувањето е веќе реализирано во голем дел.

Стоте милиони евра може да се сметаат како „реализирани“ во моментот кога Владата ќе ги прифати понудените проекти од 80 општини кои се јавиле на јавниот повик и ги понудиле идејните проекти до 12 септември, а деталните до 23.09.2024 година.

Ова произлегува од процедурата на одлучување и од начинот на кој преку законските прописи, вклучувајќи го и оној за извршување на Буџетот, парите ќе се доделуваат на општините за одобрените проекти.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за 360 Степени емитувано на 23.09. детално ја опишуваше процедурата. Седум дена за идејните проекти или намерите да се бараат пари за одреден проект, десет дена да се достави целокупниот проект со ревидирана пресметка за чинење и сета друга потребна документација (рокот е завршен на 23 септември), десет дена петте министерства од чија надлежност се проектите да ја известат Владата дека проектот ја содржи потребната документација и дека го задоволува и другиот критериум поврзан со големината на резидентното население, а веднаш потоа Владата треба да донесе одлука со која и формално се одобруваат проектите.

По одлуката, општините ги калкулираат новоодбрените средства во буџетите за до крај на 2024 година, распишуваат тендери и започнуваат со реализација. Перински појасни дека плаќањето на проектите ќе оди по завршена временска ситуација, односно фазно, како кој дел од проектот е завршен така ќе биде и исплатен и изведувачот на проектот, како што е во најголемиот дел од случаите при јавните набавки.

Со оглед дека сме на прагот на октомври и со оглед дека тендерите и договорите со изведувачите, како што кажа Перински во најоптимистичка ситуација ќе бидат склучени во ноември и почеток на декември, вистина е она што го тврди СДСМ дека, буквално гледано, нема да бидат потрошени 100-те милиони евра, односно ќе биде исплатен сосема мал дел од тие средства.

Но реално гледано, штом ќе бидат одобрени од Владата, тие пари можат да бидат сметани за „реализирани“, зашто нема да пропаднат или да бидат пренаменети за други потреби на Владата. Зашто при потпишувањето на договорите, гарант ќе биде Владата, односно Министерството за локална самоуправа, а парите ќе бидат резервирани на посебна сметка.

Сето ова детално беше појаснето од Перински во најголем дел од споменатото 50 минутно интервју за 360 Степени, почнувајќи веќе од 4-тата минута во разговорот.

Сосема друго прашање е дали со тоа што парите не им се префрлаат на општинските буџети веднаш во целост и ќе бидат исплаќани сукцесивно, е добро решение или раѓа недоверба од централната кон локалната власт. Исто како што е сосема друго прашање како ќе бидат одобрени проектите и дали некои општини ќе бидат привилегирани, а некои дисквалификувани нефер поради политички причини, па и дали Владата ќе ги плаќа изведувачите навреме. Тоа, допрва ќе се следи во рамките на овој процес.

Но, тврдењето на СДСМ дека Владата нема да го реализира ова ветување во текот на оваа година, бидејќи било очигледно дека нема да ги потроши 100-те милиони евра, е само половична вистина, зашто таквото тврдење содржи спинуван елемент. Вистина е дека ветувањето може да се смета за „реализирано“ во голем дел, по одобрувањето на проектите од страна на Владата. Прво се чекаше ребалансот на буџетот, по што Владата на 5-ти септември го распиша конкурсот за инфраструктурни проекти од општините во висина од 100 милиони евра.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски