Собранието, Владата, шефот на државата и правосудните институции по завршувањето на локалните избори треба да продолжат со решавање на жешките прашања што беа ставени на стенд бај поради изборите.

Станува збор за кадровски решенија во најзначајните државни инситуции, чувствителни законски решенија, екипирање на институции и за најавената разврска на горливите надворешно-политички прашања, важни за евроатлантската интерграција на Македонија.

Еве кој и што сè треба да се стори во наредниот период.

Собрание:

  • Да го донесе Законот за употреба на јазиците;
  • Да се гласа по интерпелациите за Мила Цароска, Роберт Алаѓозовски, Садула Дураку, Драган Тевдовски и за Љупчо Николовски, што ги поднесоа пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Интерпелација има и за министерот за здравство, Арбен Таравари, но по вториот круг од изборите, тој стана градоначалник на Гостивар;
  • Да ги констатира оставките на пратениците кои се кандидираа и освоија градоначалнички функции на локалните избори и да ги верификува мандатите на новите членови на законодавниот дом кои треба да седнат на нивните места;
  • Да биде именуван новиот државен јавен обвинител, по разрешувањето на Марко Зврлевски. Во моментов, постапката е во Советот на јавни обвинители, кој треба да го каже својот став за пријавените кандидати;
  • Да го ратификува Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, што премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, го попишаа на 1 август.

Влада:

  • Да назначи нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари и нов министер без ресор задолжен за странски инвестиции, на местото на новоизбраниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко.
  • Да именува директори на државни институции, јавни претпријатија и на акционерски друштва во сопственост на државата, бидејќи најголем дел од кадровските решенија што Владата претходно ги именуваше се со мандати на вршители на должност.

Претседателот Ѓорге Иванов:

  • Претседателот треба да предложи наследници на уставните судии Наташа Габер-Дамјановска, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта. Нив ги именува Собранието. „Претседателот на Република Македонија ќе достави предлог до Собранието на Република Македонија по завршувањето на локалните избори“, одговорија за „Мета“ од кабинетот на Иванов на почетокот на октомври;
  • Треба да бидат пополнети испразнетите амбасадорски места во неколку држави.

Правосудство:

  • Треба да биде избран претседател на Основниот суд Скопје 1. Ситуацијата овде дополнително се компликува по оставката што минатата недела си ја поднесе в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев.

МВР:

  • МВР треба да ја заврши постапката по огласот за прием на 500 нови полицајци. Огласот беше распишан на почетокот на август, а постапката беше ставена на чекање поради локалните избори.