fbpx

Што одговори Заев на новинарските прашања?

-

По објавувањето на третата тура прислушувани и снимени разговори, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговараше на следниве новинарски прашања:

Дали очекувате да бидете уапсени наредната среда?

– Груевски и Мијалков и сè е можно. Знаете дека сме подготвени и ништо не може да ја спречи целата вистина да допре до граѓаните.

Коментар за изјавата на Јоханес Хан дека целиот случај треба да се реши преку институциите?

– Преку правосудните системи на Македонија? Најавив дека следуваат и други докази и аргументи за правосудството. Она безобразие коешто го објавивме на последната прес-конференција само покажува како се местени и како се разрешувани судии, како се местени судски одлуки, како се местени нивни партиски членови за судии. Верувајте, ова е само најава за подготовка на јавноста за она што се случува во нашето судство и во нашето обвинителство. Инситуции на системот не постојат и затоа не сме во собранието.

Се добива впечаток дека власта подготвува сведоци кои би зборувале против вас и би дале друга димензија на случајот. Очекувате ли дека вашите извори би се појавиле во една судска постапка бидејќи во еден дел од процесот ќе биде борба на сведок против сведок?

– Не очекуваме правна разрешница на овие случаи од проста причина што не веруваме. Поднесуваме кривични пријави бидејќи сакаме да оставиме трага и сакаме да покажеме дека го почитуваме Уставот и законите на Република Македонија.

Се шири фама дека подготвувате улична револуција и насилно преземање на власта. Како планирате насилно да ја преземете власта?

– Ние сме истиот СДСМ кој придружуван од своите коалициони партнери коишто бевме сите овие речиси девет години во опозиција. Неколку работи тврдам: овој процес којшто го отвораме не може да предизвика меѓуетнички конфликти. Овој процес ги сплотува граѓаните од сите етнички заедници. Го чувствувам тоа силно, а го чувствувате и вие. Знам дека се згрозени граѓаните од она што го објавуваме, но тврдам и апелирам дека оваа власт ќе падне и без насилство. Ако се случи нешто, ќе го менаџираме во спротивен правец во интерес на граѓаните.

Дали по ова би седнале во техничка влада?

– Јас реков јавно дека техничката влада беше прецизирање на наша формулација за практична гаранција за фер и демократски избори. Може да донесе било какви закони, но побаравме практична реализација на тие закони. Сега знаеме дека тоа не е така. Мора да има гаранција за слобода и демократија и ние сме подготвени без било какви суети и без било какви калкулации сè што е во интерес на граѓаните и на државата да се седнеме, да разговараме, да го најдеме решението и, секако, никогаш да не се повтори тоа што се случува.

Како го толкувате молкот од Вашите партиски опоненти? Имате ли сознанија за тоа што се случува во владејачката партија?

– Исто како што и вие го толкувате. Јасно ни е дека подготвуваат нешто. Но, што и да подготвуваат, што и да осмислуваат, како и да е, навлегуваат сè подлабоко во кашата. Само поголема штета ќе направат за државата, а ниту вистината ќе ја спечат, ниту нас ќе нè спречат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...