fbpx

Што негира Вајгл: Дека Груевски спомнал „затвор“ или дека нему му се испуштило?

-

Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, во изјава за државната новинска агенција МИА демантира дека тој за некој медиум изјавил нешто во врска со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и дека пренесувал нешто што Груевски му го кажал нему при нивната последна средба во Скопје.

Сепак, во демантот никаде не се споменува зборот „затвор“. Односно никој, ниту Вајгл, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ во својата реакција, не демантираат и не негираат дека бил споменат овој збор, што го наметнува прашањата: Кој рекол затвор, а кој не смеел да каже?. Што демантира и негира Вајгл: Дека тој споменал „затвор“ или дека Груевски така му кажал? Или дека Груевски го спомнал зборот, а на Вајгл му се испуштило да каже?

– Јас како човек никогаш не персонифицирам одговорност и не се плеткам во македонската политика со прозивки на некои имиња и луѓе. Јас не знам да ја редуцирам вината на некое одредено име. Јас зборував за тоа што и претходно го кажав за „НоваТВ“, а се разбира тоа е дека Македонија мора да ја доживее својата катарза на сопствената политика и патот за понатаму е и преку тоа што го прави Специјалното јавно обвинителство. Доколку се утврди низ правосудството дека постои некаква индивидуална одговорност на кој било, тогаш тој, се разбира, ќе мора во правната држава за тоа да сноси консеквенци – вели Вајгл.

На прашањето дали тој лично во некоја изјава или интервју го споменал поранешниот премиер Груевски и нешто што наводно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му го кажал лично, словенечниот европратеник демантира дека зборувал нешто такво.

Медиумите пренесоа изјава од европратеникот Иво Вајгел за турската новинска агенција „Анадолија“, во која европратеникот вели дека Груевски рекол дека ќе инсистира (ќе оди) до крај затоа што не му се оди во затвор.

„Најкарактеристична е, сепак, изјавата што ни ја даде Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе инсистира до крај, дека не му се оди во затвор. Доколку тој е мотивот на сето ова, тогаш тоа значи дека уште долго нема да има компромиси“, ја цитираше „Ал Џезеира“ изјавата на Вајгл дадена за „Анадолија“.

ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека лидерот на партијата, Никола Груевски рекол такво нешто пред европратеникот и во партиското соопштение наведуваат дека Иво Вајгл „или нешто не разбрал или свесно се става на страна аболираниот криминалец Зоран Заев и на неговите сценаристи со пласирање лаги и измислици, доколку воопшто дал таква изјава каква што е објавена“.

„Најостро демантираме дека претседателот Никола Груевски дал изјава каква што Иво Вајгл пренесува преку медиумите. Со ваквите малициозни дезинформации, доколку воопшто ги дал Иво Вајгл, тој, служејќи на нечии интереси, само долева масло на огнот во актуелната политичка криза, наместо јавно да ја осуди Тиранската платформа и мешањето на соседни држави во внатрешните работи на Република Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, од каде побараа Вајгл да се огради од невистините и да ги демантира, доколку не ги кажал, или да се извини за „политичките манипулации“, со кои ја доведува јавноста во заблуда.

Според ВМРО-ДПМНЕ, главниот акцент на разговорите со Вајгл и со другите европретставници бил ставен на неопходноста од нови предвремени парламентарни избори како најдобар начин за излез од актуелната криза.

Вајгл, од друга страна, во интервјуто за порталот „НоваТВ“, хипотетички, но мошне експлицитно ги спомена санкциите доколку „политичарот бега од разговори и компромиси, а кризата ескалира“.

– Ако политичарот бега од разговори и од компромиси, тогаш тој не е одговорен политичар. Тогаш мора да смета дека ќе го осудат не само луеѓо во неговата држава, ако кризата ескалира, за тоа ќе добие и свое место во меѓународната заедница и ќе понесе последици за тоа – рече Вајгл, додавајќи дека деструктивното дејствување се санкционира без разлика дали станува збор за политички партии или поединци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...