Изминува бурна година во која македонските граѓани беа изложени на невидени политички скандали, неизвесност и економска стагнација. Иако само времето може да покаже дали ќе дојде до позитивни промени во 2019 година има неколку економски и политички моменти кои уште сега може да се предвидат, а кои битно ќе влијаат врз секојдневното живеење.

Извесно е дека од 1 јануари 2019 година ќе има прогресивно оданочување од 18 отсто за примањата на лицата кои имаат месечен личен доход над 90.000 денари. Според новата регулатива, доколку даночната основа на поединечна исплата по некој од основите кој се даночи со прогресивни стапки го надминува прагот од 90.000 денари, за делот над 90.000 ќе се плати данок по повисоката стапка од 18 отсто уште во моментот на исплатата. На пример, доколку се исплаќа надоместок по основ на договор за дело од 100.000 денари, исплатувачот ќе треба да плати вкупен данок од 10.800 денари (10 отсто односно 9.000 денари за делот што е до 90.000 денари и 18 отсто односно 1.800 денари за делот што го надминува прагот од 90.000 денари).

Во најава е дека од 1 јули 2019 година ќе има поврат на ДДВ за граѓаните. Овој проект требаше да започне од 1 февруари, но поради подготовка на системот беше одложен. Се предвидува повратот на 15 отсто ДДВ да биде лимитиран на 30.000 денари месечно.

Можеби една од најпозитивните промени е што идната година ќе стапат на сила измените на Законот за нотаријат и на Законот за извршување со кои се намалуваат тарифите на нотарите и на извршителите од 50 до 90 отсто. Во постапките пред нотарите, граѓаните ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Ако долгот е илјада денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10 илјади денари, надоместокот наместо 1.000, ќе биде 500 денари. За сметките за вода, смет и одржување на заедничките простории во висина на 6 илјади денари, нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15 илјади денари.

Наградите на извршителите исто така се намалуваат, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висината на главниот долг.

Следната година стапуваат на сила и измените на Законот за банките со кои Управата за јавни приходи ќе може да има увид во податоците и информациите со кои располагаат банките само врз основа на писмено барање кое се поднесува за секое поединечно физичко лице. Измените имаат за цел да и олеснат на Управата за јавни приходи, која од 2019 година ќе започне да изготвува даночна пријава за секој даночен обврзник.
Големи се очекувањата во политиката кои се базирани на тоа дали ќе биде прифатен Преспанскиот договор со кој се предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, а за кој Собранието треба да одлучува уште на средината на јануари, 2019 година.

Според најавите од НАТО, доколку договорот биде прифатен, Македонија може да стане 30. членка на алијансата уште на почетокот на следната година. Преговорите за членство се веќе почнати и се очекува да завршат во јануари 2019.

Амбициозни се плановите на Владата и во однос на зачленувањето во Европската Унија. Се очекува наредната 2019-та да биде годината кога Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Ваквите очекувања се темелат на финализацијата на обврските од Преспанскиот договор, на реализацијата на зацртаното од Планот 18 и пред сè на изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан за временската рамка за пристапување кон Унијата.

Нишката неизвесност што се уште постои во однос на Преспанскиот договор, не важи за претседателските избори. Имено, во април 2019 година се закажани избори по кои на местото на Ѓорѓе Иванов ќе седне ново лице.

Изненадување може да биде само реализацијата на „срамежливите најави“ за можен избор на претседател во Собранието доколку не се постигне цензус на претседателските избори, што дефинитивно би била уште една новина по која ќе остане запаметена 2019 година.