Разгледувајќи го предлог буџетот на Општина Штип на денешната седница на Советот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ забележа дека немала можност да внесе свои амандмани, по пример на Град Скопје, а документот за нив е неразбирлив.

-Веќе 12 години се повторува истото. Нема граѓански буџет и никој не може да го разбере, ни советниците ни граѓаните. Ние како опозиција не можеме да учествуваме со наши предлози, бидејќи единствена можност ни се комисиските расправи- рече на расправата Љубе Здравков, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Во подолгото излагање, Здравков кажа дека од проектираните 186 милиони денари нема ниту еден вреден, капитален проект, видлив за обичниот граѓанин.

-Се троши третата четвртина од мандатот на оваа власт. Ова е трет буџет на оваа власт, а тнр. капиталните проекти се всушност проекти од редовната работа на општината. Ни снемува време. Каде се проектите од изборната програма, со која овој градоначалник дојде на власт? Што ќе им кажеме на граѓаните?- праша Здравков.

Градоначалникот Благој Бочварски објасни дека во 2019 година капитален проект била новата детска градинка, во 2020 година, тоа е браната на реката Отиња. Парите не се прикажани во општинскиот буџет, бидејќи доаѓаат од Министерството за транспорт и врски.

-Цели 40 години никој не ја реализира браната која сите ја ветуваа. Сега имаме на располагање 200 милиони денари, кои стојат на сметката на Министерството за транспорт и врски. На нас е да ги искористиме во претстојната година. Ако толку многу биле за овој проект, зошто кога се зафатив во проектот за браната немаше основен проект? Го преработивме, направивме ревизија, нарачавме студија за животната средина, која чини 20.000 евра, а денеска на Совет очекувам да помине и ДУП-от за браната. Во јануари го правиме последниот чекор – добивањето на градежната дозвола – одговори Бочварски.

Буџетот за 2020 година е проектиран на близу една милијарда денари, а основниот буџет ќе изнесува 437.774.000 денари.

Како еден од капиталните проекти е планирана изградба на нова платформа на реката Отиња за паркирање, што изнесува 18 милиони денари, а се очекува завршување на обиколницата, каде деновиве се привршуваат работите на зацврствување на конструкцијата на мост тешка 240 тони.

ВМРО-ДПМНЕ најави дена ќе гласа против предлог-буџетот за 2020 година. Коалицијата на СДСМ го има мнозинството и се очекува документот да биде изгласан.

Од буџетот за капитални инвестиции се предвидени 42,7 отсто. За плати се предвидени 18 отсто од основниот буџет, за субвенции и трошоци 21 отсто, додека за услуги 28 проценти.