Фото: Nicolas Comte, Unsplash

Нема да оди брзо приклучувањето на водоснабдителниот систем на Штип кон хидросистемот „Злетовица“. Иако од македонската влада се инсистираше што поскоро да се изврши приклучување на останатите четири општини кон регионалниот хидросистем, очекувањата се Штип да влезе во системот дури во втора половина на 2022 година.

Ова стои во документот од ЈП „Исар“ до Советот на општина Штип, преку кој се бара зголемување на цената на водата за пиење за 5,4 отсто за кубен метар вода за пиење, однсно 37,77 денари за кубик. Во планот до 2023 година, се предвидува поскапување и во следните две години, односно цената за кубик во 2022 година да изнесува 39,27 денари и во 2023 година 40,16 денари. Овие цени, според ЈП „Исар“ се утврдени според дадените препораки од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Токму пониската цена на водата за пиење, беше првото исполнето ветување на претходниот градоначалник Благој Бочварски. По неговото преземање на општината во втората половина од 2017 година, од јануари 2018 година цената на водата за пиење беше намалена за пет отсто.

– За 2019 година предвидено е уште едно петпроцентно намалување на цената на водата за пиење, со кое цената ќе изнесува 31,96 денари за домаќинства и јавни институции, односно за 5 отсто помалку во однос на тарифата за 2018 година. Со тоа ветувањето за десетпроцентно намалување на цената на вода за пиење ќе биде во целост исполнето – изјави Бочварски на 28.12.2017 година.

Реагираше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, чии советници денеска на општинската Комисија за финансирање и буџет се спротивставија на барањето за поскапување.

– Ваквото значително покачување на цената на водата не е резултат на зголемената куповна моќ на граѓаните, туку претставува уште едно оптоварување на семејниот буџет – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ЈП „Исар“ во исто време бара поевтинување на услугата за отпадни води за 6,67 отсто.

Во пресметките на „Исар“ прифатени од Регулаторната комисија, најголема ставка во трошоците на работењето на претпријатието, не се трошоците за производство и дистрибуција на вода за пиење, туку се тоа платите. За материјали, енергија и ситен инвентар се предвидени по 39 милиони денари за тековната 2021 година, додека за бруто плати 48,5 милиони денари.