За утре и задутре се предвидени уште неколку настани, а Свечената академија, како централен настан ќе се одржи во петок, на празникот „Свети Никола“

На 19-ти декември, семејството на првиот претседател на експертската влада во самостојна Македонија, Никола Кљусев, ќе го добие орденот „Свети Никола“, што се доделува на празникот – патрон на Штип. Образложувајќи ја одлуката, градоначалникот Благој Бочварски рече дека овој потег покажува одлучност да се работи на социјалната кохезија, со цел општествен напредок, раст и развој.

– Штип го дал и првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, како и првиот премиер на експертската влада, Никола Кљусев. Тоа се факти кои треба сите заеднички да ги уважуваме, а со тоа да го промовираме нашиот град како колевка на државата. Тоа треба да го правиме сите, без разлика на нашата партиска припадност и без разлика на нашите политички убедувања – рече Бочварски.

Никола Кљусев е роден во Штип, каде завршил основно и средно образование, по што заминува во Белград, каде студира на Економскииот факултет, а подоцна и докторира. Бил дел од најзначајните југословенски економски тела, а бил член и на МАНУ. Вршел и високи политички функции.

Признанието „Свети Никола“ годинава се доделува на касарната „Jане Сандански“, која со влезот во НАТО станува база на Алијансата, на основоположниот на фестивалот на забавна музика „Макефест“, Стојан Троицки и на социјалниот работник Лилјана Крстевска, која ја и предводи граѓанската организација „Порака“ во Штип.

Многу контраверзи ги следеа одликувањата за празникот во изминатите години, кој беше воведен како патрон во време кога со Штип раководеше ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш СДСМ како опозиција јавно прашуваше за потребата од уште еден празник на градот, со оглед на тоа дека Штип го празнува 8-ми ноември, Денот на ослободувањето.

Беа уште погласни, кога орденот му се додели на поранешниот премиер Никола Груевски. Меѓутоа, и покрај забелешките, со преземањето на локалната власт, СДСМ ја продолжи традицијата на одбележување на празникот. Орденот на семејството Кљусеви и трите признанија ќе бидат доделени на свеченост на празникот „Свети Никола“.