fbpx

Штаргоски: Нашите семејства се навикнати на стрес, единствено стравот е голем

-

Во Прилеп бројот на новозаболени од Ковид-19 секојдневно расте. Од појавата на првите два случаја на 26 март, во изминативе 20 дена се евидентирани 90-тина граѓани коишто се соочуваат со последиците од смртоносниот корона вирус. Со одлука на централниот кризен штаб ангажирани се и припадниците на АРМ, со цел доследна примена на мерките и спречување на ширењето на болеста. Речиси секој ден има прес конференции на кои градоначалникот Илија Јованоски, којшто како претседател на локалниот кризен штаб заедно со претставници на надлежните институции, известуваат за нови мерки и активности во насока на поголема превенција. Новинарските екипи се секогаш таму, но и на терен, да известат за состојбата и за проблемите со кои се соочуваат и граѓаните.

За променетите услови во кои се работи од почеток на пандемијата, за стресот со којшто дополнително се соочуваат тие, за стравот од болеста и начинот на заштита, разговараме со дописникот на ТВ Сител, Дарко Штаргоски, сопственик и на локалниот интернет портал „Инфо компас“.

Новинарите се и овој пат во првите борбени редови, се следат настани на терен, се пренесува состојбата. Како се штитите во овие услови?

– Морам да кажам дека скоро сите прилози кои ги работиме во овој период се поврзани со корона вирусот. На прсти се бројат текстовите што сум ги напишал овие 20-тина и повеќе денови, а во нив да не се спомене Ковид-19. Пандемијата направи да не се обработуваат други теми. Токму поради тоа се намалени и нашите теренски активности. Ништо не е како претходно. Надвор од Прилеп досега сум бил само два пати и тоа за прилози поврзани со корона вирусот во околните населени места во општините Кривогаштани и Долнени, како и во мариовскиот крај. И во тие два случаја носевме заштитни маски и ракавици. Стоиме на определено растојание од нашите соговорници и избегнуваме влегување во затворен простор.

Во градот пак поретко излегуваме надвор. Најчесто нашите теренски активности се во зградата на Општина Прилеп, каде речиси секој ден се држат пресови поврзани со состојбата во општината. Најголемиот дел од видео прилозите ги покриваме или со архивски материјали или со материјали што ги добиваме снимени од службите на Општината. Така што, и тука на еден начин сме заштитени од контакти со повеќе луѓе.

Во овие нови услови во кои работите, колку се различни алатките што ги користите?

– Како што и претходно кажав, ништо не е како порано, нашите животи драстично се променија, а со тоа и начинот на кој функционираме и работиме. За поголем дел од прилозите изјавите ги снимав онлајн преку платформата Zoom, на Viber или преку Facebook Messenger. Така што на нас новинарите овие алатки, кои досега малку или речиси воопшто и не ги употребувавме, сега ни се од голема помош. Мое мислење е дека овој начин на комуникација можеби ќе остане да се практикува и во иднина во поголема мера и кога ќе заврши пандемијата, затоа што некако ја олеснува нашата работа. На ваков начин правев интервјуа со нашите иселеници во Германија и Австралија, околу тоа како тие се справуваат со пандемијата, со прилепчани кои се во карантин и не смеат да излегуваат надвор, со професори кои спроведуваат онлајн настава за своите ученици и испаднаа навистина интересни и добри прилози.

Новинарскиот особено репортерскиот е стресен живот. Има ли празен простор во дневната доза стрес?

– Стресот навистина е зголемен. Постојано сме во трка со информациите, дали има нешто ново, што се случува, зголемен е и бројот на информативни изданија во телевизијата каде работам, а се зголеми доста и работата на мојот портал Инфо Компас. Постојано пристигнуваат нови и нови информации кои мора да бидат објавени да не речам во секундата кога ќе пристигнат. Притисокот кон нас е зголемен и од страна на нашите граѓани кои комплетно ги разбирам, дека и тие се во стресна ситуација и постојано ѕвонат на телефон и на Messenger. Понекогаш не се бира, ниту време кога тоа се прави и од нас се очекува дека ги имаме одговорите на сите прашања. Нормално ако не знаеш да им одговориш, понекогаш крив си за сѐ. Ѕвонат луѓе чии блиски се болни од корона вирусот, ѕвонат луѓе кои чекаат тестови и по 7 дена, не знаат од паника што да прават. Мораш сите да ги ислушаш, не си семоќен на сите да им помогнеш и тоа е дополнителен стрес над сѐ. Затоа што, верувале или не, и ние новинарите си имаме свој живот и наши проблеми, кој ретко кој друг ги решава, ако не ние самите.

Како реагира семејството, во услови кога најголем дел од работата се пренесува во домашните услови, но и ризикот од болеста се носи во домот?

– Нашите семејства за жал се навикнати на нашата стресна работа, ова не е нешто ново за нив. Јас и претходно работев од дома, канцеларија немам, така што горе-долу тензииите се исти. Единствено можеби е зголемен стравот од корона вирусот, кој можеме за жал да го добиеме сите и навистина е потребно да се чуваме и да ги почитуваме мерките и препораките за заштита.

Која е вашата оценка, колку објективно новинарите ја следат и информираат за целата ситуација со пандемијата од корона вирус во Прилеп?

– Медиумите во Прилеп најпрофесионално и доста објективно ја пренесуваат ситуацијата со корона вирусот во Прилеп. Досега навистина не сум сретнал некоја тендициозна информација од нашиот град поврзан со Ковид-19, ниту пак имало лажни вести на оваа тема. Барем јас не знам.

Имате ли простор за личен одмор, релаксација?

– Простор за личен одмор и релаксација во овој период е мислена именка. Од толку многу што имам работа, за жал слободно време останува само 2-3 часа навечер, кои гледам да им ги посветам на моето семејство. Затоа што другиот ден започнува истата приказна, одново и одново. Се надевам дека ова нема вака да продолжи уште долго.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...