Шпекулативна објава поттикнува меѓуетничка нетрпеливост

Официјални информации за тоа дали е постигнат договор за состав на влада, кои партии ќе бидат дел од новата идна влада, поделба на ресори и кадровски решенија, нема од ниту една партија, а најмалку од ВМРО-ДПМНЕ. Да се зборува за некаква албанизација, притоа служејќи се со шпекулации е несериозна работа и опасна манипулација, која во јавноста може да предизвика меѓуетничка нетрпеливост

Фото: Принтскрин видео, ВМРО-ДПМНЕ

Информациите кои ги споделуваат медиумите, а кои се однесуваат на преговарачкиот процес за состав на новата влада, засега се движат само во доменот на шпекулации и непотврдени информации. Официјални информации за тоа дали е постигнат договор за состав на влада, кои партии ќе бидат дел од новата идна влада, поделба на ресори и кадровски решенија, нема од ниту една партија, а најмалку од ВМРО-ДПМНЕ. Да се зборува за некаква албанизација, притоа служејќи се со шпекулации е несериозна работа и опасна манипулација, која во јавноста може да предизвика меѓуетничка нетрпеливост, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која служејќи се со шпекулации и непотврдени информации, поттикнува меѓуетничка нетрпеливост во јавноста. Имено, во контекст на актуелните преговори за состав на новата влада кои се водат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на партиите од албанската опозиција „Влен“, објавата шпекулира за некаков договорен состав на владата и поделба на ресори, атрибуирајќи му ги овие информации како потврдени на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а притоа се користи изменета фотографија.

Кој збореше за АЛБанизација?, се вели објавата.

Објавата споделува и фотографија од објава на Мицкоски на Фејсбук, која содржи наводен список на договорени министерства кои би и припаднале на коалицијата „Влен“.

Од коментарите под објавата може да се види дека следбениците сериозно ја сфатиле оваа информација.

Но, доколку се погледне оригиналната објава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук, ќе се види дека ваков список не е објавен. Во објавата не се спомнуваат никакви кадри, ниту пак поделба на ресори. Објавата дури и не се однесува на преговорите за влада, туку е за сосема нешто друго.

 

Денеска заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, остваривме средба со раководството на Македонија 2025. На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација. Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите. За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, објавил Мицкоски на Фејсбук.

Во моментот на објавата исходот од преговорите беа шпекулаци

Она што официјално е познато, преговорите за состав на новата влада, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ се базираат на принципи и се во напредна фаза.

Она што можам засега да го кажам е дека преговарачкиот процес се базира на принципи, пред сè, нели на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и од потребата од одредени реформи за забрзан економски развој. Засега, она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но сè уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали. Се разговара и за ресори кои што се од економска и политичка природа, но најважно е тие да ги прифатат принципите на Владата и генералните програмски определби, изјави на 25 мај портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на поставеното прашање од медиумите за тоа до каде се преговорите со коалиционите партнери.

Тој посочи дека во преговорите се внимава на квалитетот на самата поделба и на бројката која што ВМРО-ДПМНЕ ја има во освоени пратеници за овој парламентарен состав.

ВМРО-ДПМНЕ започна преговори за состав на влада и со партијата ЗНАМ – За наша Македонија, предводена од Максим Димитриевски.

Вечерва во просториите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се одржа значајна средба на која се разговараше за соработката помеѓу работните групи на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Присутните беа Горан Минчев, генерален секретар, Весна Бендевска, генералот Павле Арсоски, потпретседатели на Движењето ЗНАМ и Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, информираа од ЗНАМ на 25 мај.

Списокот со наводна поделба на ресори и кадровски решенија кој го содржи објавата која ја анализираме, а која го претставува како официјална информација споделена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, првично го објави Алсат телевизија на 23 мај и истиот се базира на шпекулации и неофицијални и непотврдени информации.

Истите непотврдени инормации ден претходно, на 22 мај, ги објави и албанскиот портал ИНА онлајн.

Информациите кои ги споделуваат медиумите, а кои се однесуваат на преговарачкиот процес за состав на новата влада, засега се движат само во доменот на шпекулации и непотврдени информации. Официјални информации за тоа дали е постигнат договор за состав на влада, кои партии ќе бидат дел од новата идна влада, поделба на ресори и кадровски решенија, нема од ниту една партија, а најмалку од ВМРО-ДПМНЕ.

Да се зборува за некаква албанизација притоа служејќи се со шпекулации, е несериозна работа и опасна манипулација, која во јавноста може да предизвика меѓуетничка нетрпеливост.

Факт е дека Мицкоски не објавил никаков список за поделба на ресори, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме. Исто така, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ преговара и со ЗНАМ и со „Вреди“, така што не може да се каже која партија кое министертсво ќе го добие. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.