„Шпекулации и невистини“, категорично одговорија од Министерството за животна средина на зачестените споделувања на информации, фотографии и сомневања на социјалните мрежи за случаи на увоз, согорување и складирање на опасен отпад од странство и поврзувањето на ваквите случаи со енормното загадување на воздухот кое се случува секоја зима.

„Мета,мк“ уште во март пишуваше за сомневањата на екологистите на оваа тема за која никој од надлежните до вчера не излезе со конкретен одговор. Според една широко споделувана објава  опасен отпад во Скопје, освен на депонијата Дрисла се горел во скопските топлани Исток и Запад, во Фабриката Карпош, Цементарницата Усје, во погоните на некогашна Скопска Железарница, во Тетово и во Нов Дојран, како и во РЕК Осломеј и РЕК Битола и дека тоа е причина за енормното загадување на воздухот и на зголемувањето на појава на малигни заболувања.„Секаде каде што има фабрики со печки се гори!Имаме фрапантен податок дека дневно во Македонија влегуваат до 10 шлепери со такво губре увезено од Италија!“.

Вчера најпрвин партијата ДОМ во соопштение до јавноста ги повика надлежните институции како Министерството за животна средина со Управата за животна средина, Инспекторатите за животна средина, Министерството за економија, „Дрисла“, и Царинската управа да одговорат дали се увезува опасен отпад и дали тој останува воземјата, за да се складира на единствената официјална санитарна депонија „Дрисла“ или на некоја од многуте диви депонии, дали се гори и каде, дали се употребува како гориво за некои од фабриките со А или Б-интегрирана дозвола, или за погони што работат со елаборати.

„Бараме институциите да извршат внатрешна контрола на својата документација и работење и да дадат јавен одговор. Како граѓани, бараме да биде заштитен јавниот интерес и да се преземат итни мерки“, се вели во соопштението на ДОМ.

Министерството за животна средина потоа излезе со соопштение на кое беше потпишан и Државниот инспекторат за животна средина.

„Согласно постоечката законска регулатива во РСМ е забранет увоз на отпад заради депонирање или складирање. Најодговорно тврдиме дека не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање“ категорични се од МЖСПП.

Според Министерство, дозволен е увоз на отпад „кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола издадена од МЖСПП“ со појаснување дека отпадот кој се увезува бил главно отпадно железо, гума, пластична фолија и отпадни акумулатори за кои постојат преработувачки капацитет во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи.

Сепак, случаите како кречните печки во струмичкото село Костурино, кои осамнаа и во светските медиуми со застрашувачки фотографии од енормно загадување со горење на отпадна гума, покажаа дека легално увезениот отпад сепак се гори и од субјекти кои немаат дозвола и дека сепак го загадува воздухот, а казните од по 200 евра, како што пишуваше „Мета.мк“ ги плаќаат и продолжуваат со работа.

„Граѓаните да знаат дека увозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка што е регулирано со Законот за управување со отпад, кој се базира и на меѓународни документи каква што е Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасниот отпад чиј што потписник е и Р.С. Македонија, стои во соопштение на Министерството. Според МЖСПП, ниту една италијанската компанија, ниту било која друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад ниту е точно дека била издадена концесија за некоја нестандардна депонија, а шпекулациите дека 20 депонии се издадени под концесија се комплетно невистинити.

Во однос на депонијата Дрисла, од Министерството за животна средина категорично негираат можност таму да се депнира или согорува опасен отпад со образложение дека се вршени редовни, вонредни и контролни надзори од формирањето на Инспекторатот во 1996 година до денешен ден.

„Дрисла нема ниту услови, ниту дозвола за согорување на радиоактивен отпад, која пак област е во делокруг на надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност. Правниот субјект Дрисла реализираше и индикативни мерења на ниво на доза на радијација на самата локација, како и мерења на неколку еколошки параметри во амбиенталниот воздух со Факултетот ФИНКИ“, стои во соопштението.

Горјан Јовановски, активистот кој ја изработи страницата „Мој воздух“ исто така излезе со свој коментар на својот Фејсбук профил:

„Во врска со вестите околу горење на радиоактивен отпад, според податоците што ги има од автоматскиот мониторинг систем за јонизирачко зрачење, нема некое покачување на низ сите активни станици во Македонија. Секое мерење под 0.30 μSv/h е безбедно. Според тоа, не верувам дека има радиоактивна опасност, и нема потреба за паника – вели Јовановски.