Шпанскиот Сенат денес го изгласа Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО. Шпанија беше последната од земјите – членки на Северноатлантската алијанса која што го немаше ратификувано протоколот. По ратификацијата од страна на законодавниот дом, Протоколот во Мадрид треба да биде потпишан уште од шпанскиот крал, по што земјата ќе го депонира документот во Стејт департментот. Со ова, Македонија и официјално станува 30. членка на НАТО.

Сенатот на Шпанија за прв пат во својата историја ја одржа својата седница преку видео-конференциска врска, при што сите негови членови гласаа „за“ Пристапниот протокол. Гласањето во Мадрид од Скопје директно се следеше од страна на министерот за надворешни работи Никола Димитров и амбасадорот на Шпанија во Скопје Емилио Лоренцо Сера.

– Шпанија е 29-та последна земја – членка на НАТО што го ратификуваше нашиот пристапен протокол. Со тоа заврши процесот на ратификација. Шпанија сега ќе го депонира тоа во Стејт департментот. Потоа, Вашингтон ќе испрати информација до НАТО во Брисел и официјално и ние ќе добиеме покана да го депонираме нашиот Закон за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој веќе е изгласан во нашето Собрание. Со тоа завршуваме еден тридецениски процес – изјави министерот Димитров.

Тој ја посочи особената благодарност до Шпанија, која што во вакви тешки околности со корона вирусот, ја одржала седницата на Шпанскиот Совет и гласала за нашето членство во НАТО.