Американското шоу “Маскираниот пејач“ најави турнеја низ 45 градови во САД. Шоуто моментално ја прикажува својата трета сезона, а популарноста која ја достигнува доаѓа на изненадување на голем дел од публиката. Шоуто е од натпреварувачки карактер од типот на „Идол“, но разликата е во тоа што се натпреваруваат веќе добро познати личности, но зад интересни маски, а задачата на жирито и публиката е да нагаѓа кој се наоѓа зад маската. Првите неколку епизоди наидоа на поделени мислења на јавноста, но се чини дека со текот на времето се повеќе и повеќе луѓе стануваат верни фанови.

Идентитетот на ѕвездата која се наоѓа во костумот е една од најстрого чуваните тајни, дури ни натпреварувачите не знаат против кого се натпреваруваат, а додека се снима и прикажува шоуто целиот продукциски тим им се обраќа на натпреварувачите со името на маската.

Кучиња, кенгури, роботи, фламинга, чудовишта, се меѓу дизајните на маските кои се дизајнирани заедно со натпреварувачот по мерка, по шоуто маските одат директно во музеј. Музичари, актери, водители, јутујбери, било која славна личност може да се најде зад маската, а публиката обожува да погодува.