„Шорткат“: Родителите и професорите да ги намалат очекувањата од учениците пред крајот на првото полугодие

И овој четврток носиме нови важни теми и интересни случувања кои ја одбележаа изминатава недела.

Во најновото издание на емисијата за млади „Шорткат“ централна тема ни е враќањето во училница по онлајн наставата, момент којшто исфрли на површина неколку проблеми. Учениците се соочуваат со депресија и анксиозност, вели психологот Ана Поп-Ризова. Погледнете го разговорот со Поп-Ризова и нејзините препораки до родителите и професорите.

Во емисијата го одбележуваме и успехот на младите пејачи од „Дајте музика“ со песната „Green Forces“, коишто освоија деветто место на Детскиот Евросонг што викендов се одржа во Париз. Анастасија, Кристина, Миха и Филип упатија силна порака за климатска акција од страна на најмладите.

Ви прикажуваме и мал дел од Ботаничката градина што се наоѓа на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во емисијата ќе може да дознаете повеќе за ретките и автохтони растенија кои можат да се видат таму. Многу од нив ги има само на едно место во државата, а некои, покрај тоа што се ретки, се и загрозени.

„Шорткат“ информира и за проектот „Младите против насилство – За успешна превенција од радикализација“, којшто има за цел развивање на граѓанска едукативна платформа за млади, дизајнирана на мотивирачки и алтернативни наративи за граѓанско образование, како средство за спречување на радикализацијата на младите.

Во емисијата известуваме и за успехот на филмот „Сестри“, кој од утре станува првиот македонски филм достапен на стриминг платформата Нетфликс. Гледачите од целиот свет ќе имаат можност да го погледнат ова дело на режисерката Дина Дума.