„Шорткат“: Кои се вистинските чекори за намалување на аерозагадувањето?

Во првото издание на емисијата „Шорткат“ во 2022 година ја носиме веста за тоа како помина новогодишната прослава во главниот град. За првпат по долги години, локалната власт во Скопје не организираше огномет при дочекот на Новата година. Нашата фотографија покажа дека, сепак, скопјани не потфрлија во поглед на искористените пиротехнички средства точно на полноќ.

Во Новата година влеговме со старите добропознати проблеми – аерозагадувањето на воздухот уште во првите неколку денови од 2022 година беше екстремно високо.

Токму аерозагадувањето и опасностите по здравјето се главната тема на ова издание на „Шорткат“. Енергетската криза, потребата за увоз на скапа струја од странство и високите трошоци за нејзино производство ја зголемија цената на електричната енергија. Поголемите сметки за струја од јануари доведоа до тоа голем дел од домаќинствата да купуваат печки за греење на дрва. Огревното дрво, пак, е голем загадувач на воздухот, особено ако се користи влажно, а печките не се добро исчистени.

Познавачите на проблемот велат дека за да се избориме против аерозагадувањето, покрај повеќе мерни страници во секоја населба, потребни се и огромни казни за загадувачите, непристрасни инспектори, инвестирање во велосипедската инфраструктура, како и спречување на урбанистичкиот хаос со градење нови згради. За да се реализира сето ова, граѓаните, а особено младите, мора да притискаат.

Институциите си ја префрлаат вината за (не)чистењето на депонијата со арсен во кумановско. Потсетуваме дека на стотина метри од расфрланиот арсен настава следат учениците од основното училиште „Рилиндја“. Упативме прашања до институциите, но одговор добивме само од Општина Липково, од каде велат дека нема простор за следење на наставата на учениците во околните села.

Ја носиме и информацијата дека српскиот град Нови Сад стана европска престолнина на културата за 2022 година, заедно со литванскиот град Каунас и градот Еш сир Алзет во Луксембург.

НАСА треба да го испрати Џејмс Веб, најголемиот телескоп некогаш создаден, на неговата финална дестинација на 1,5 милиони километри оддалеченост од Земјата. Џејмс Веб ќе може да погледне во длабочината на далечните галаксии и да му помогне на човештвото подобро да ја разбере вселената.

Погледнете го новото издание на „Шорткат“ што ќе биде објавено вечерва во 19 часот.