fbpx

Шолц, Макрон и Драги стигнаа во Кијив, по бројните критики за „млакост“

-

Лидерите на најмоќните членки на Европската Унија пристигнаа во главниот град на Украина, Кијив, утрово, со „порака за европската обединетост“, како што рече претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Макрон допатува заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги, на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да ја покажат поддршката за Украина, по бројните критики, посебно за Шолц и Макрон за недоволна поддршка на земјата, пишува Би-Би-Си.

Тројцата европски лидери пристигнаа со ноќниот воз од Полска до Кијив.

„Ова е важен момент. Ова е порака на единство што ја испраќаме до Украинците“, рече Макрон по пристигнувањето во главниот град на Украина.

Прашан зошто посетата се случува сега, францускиот претседател рече оти тројцата сметале дека е најдобро тоа да го направат пред самитот на ЕУ и на кој ќе дискутира за кандидатурата на Украина за членство во ЕУ.

Шолц беше напаѓан за недоволно испраќање оружје на Украина, но украинскиот амбасадор во Берлин, Андриј Мелник, вели оти очекува Шолц да даде ветување за тешко оружје што долго време се ветува, но уште не стигнало.

Шолц ги отфрли критиките дека доцни со воената поддршка, велејќи дека Германија е еден од најголемите воени и финансиски поддржувачи на Украина.

Украина го почна процесот на поднесување барање за членство во ЕУ во февруари, четири дена од почетокот на руската инвазија.

Минатиот месец францускиот претседател Макрон рече дека процесот на зачленување би траел неколку години или дури и децении.

Тој сугерираше Украина да се приклучи на „паралелна европска заедница“ додека ја очекува одлуката, велејќи дека тоа е „пат за зацврстување на земјите што географски се во Европа и ги споделуваат нашите вредности“ без притоа да се направи суспензија на строгите критериуми на ЕУ за зачленување и на Украина да ѝ се овозможи „брза процедура“.

Но денеска францускиот претседател порача дека Европа мора да ја увери Украина во врска со нејзините амбиции за ЕУ членство.

„Ние сме на точка кога треба да испратиме јасни политички сигнали, како Европејци, кон Украина и нејзиниот народ во време кога даваат отпор херојски“, рече тој.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во изјава за германскиот весник „Билд“ дадена во Кијив, рече дека посетата не е само знак на солидарност, туку и на посветеност на поддршката и помошта на Украина и нејзините жители.

„Не сакаме само да покажеме солидарност, ние исто така сакаме да појасниме дека ќе продолжиме со помошта што ја организираме – финансиска и хуманитарна, но и кога станува збор за оружје“, порача Шолц.

Во однос на воените дејствија, Би-Би-Си го пренесува брифингот на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство за ситуацијата во Украина. Во него се вели дека руските сили во Донбас најверојатно сѐ повеќе и повеќе оперираат ад хок и дека има воени групации во коишто сериозно недостигаат луѓе.

Се посочува на информациите од украинските власти дека некои руски батаљонски тактички групи, коишто вообичаено се состојат од помеѓу 600 и 800 припадници, сега се сведени на околу 30 војници.

Дополнително, во брифингот се вели дека уништувањето на сите главно мостови во Сиверодонецк ги довело руските трупи во ситуација да бараат други начини за влез во овој град. Сиверодонецк и неговиот град-близнак Лисичанск неколку седмици се средиште на најжестоките артилериски напади, ракетирања и теренски борби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...