Уставниот суд утре има шанса да покаже дека правото и правдата може да им бидат поважни од исполнувањето на желбите на Никола Груевски, рече денеска на прес-конференција Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
– На седницата закажана за утре, Уставниот суд има можност да се изјасни околу иницијативата за оценување на уставноста на законот за Специјално јавно обвинителство. Одговорноста за владеењето на правото и за еднаквост на сите граѓани пред законот е многу поголема. Станува збор за тоа дали Македонија ќе ја надмине политичката, општествената и правната криза во која се наоѓа. Приоритет за Уставниот суд на државата Република Македонија треба да биде уставноста на законот за СЈО – изјави Шилегов.
Шилегов додаде дека непречената работа на единствената независна институција која вистински се бори против криминалот и корупцијата мора да биде обезбедена и гарантирана.
– За излез од длабоката политичка криза, потребно е итно да се обезбеди владеење на правото и исполнување на сите услови за слободни, фер, демократски и веродостојни избори – рече Шилегов.