Шилегов: Средношколските екскурзии за Италија се одложени на неодредено време

Градот Скопје во рамките на своите надлежности ги презема сите неопходни мерки за да се спречи ширење на вирусот Ковид 19, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов. Согласно со задолженијата добиени од владата, сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време.

– За сите други патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки – посочи Шилегов.

Тој вели дека до крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за сите средношколци за превенција од корона вирусот, согласно со препораките на СЗО и нашата влада. Шилегов денес издал и наредба до директорите на средните училишта  внимателно да ги следат и целосно да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот кои ги даваат надлежните институции.

– Училишните раководства се задолжуваат да ги стават на користење средствата што ги обезбеди Градот, да одржуваат највисоко ниво на хигиена, применувајќи ги сите санитарни-хигиенски средства и активности кои им се на располагање. Во врска со оваа обврска, сакам уште еднаш да укажам дека Градот Скопје има обезбедено доволни количини на антибактериски сапуни за училиштата – рече Шилегов.