Архивска фотографија од Камениот мост во Скопје, 25 декември 2020 г. | Фото: Арбнора Мемети

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска се пофали дека воздухот во главниот град се подобрува откако е тој на власт, а годинава бил три пати поквалитетен, што според него е резултат на интензивното работење на инспекциските служби и акциите кои ги спроведува Градот. Но, екологистите не се согласуваат, тврдејќи дека ветерот и сонцето имаат голема улога во намаленото аерозагадување. Воедно, факт е дека мерачите на ПМ10 и ПМ2.5 токму во најзагадените делови од градот долг период не работеа или уште не работат па затоа се добива привиден впечаток за намалено загадување.

„Оваа година дури три пати е подобро, но тоа не значи дека таа битка сме ја добиле. Меѓутоа, кога три години одите во нагорна линија во поглед на загадени денови, тоа дефинитивно значи дека сме фатиле еден позитивен тренд кој што се должи на интензивното работење на инспекциските служби на Градот, на чистење на оџаците, за инвертери, на пријавување на оган на отворено“, изјави Шилегов.

Според Ана Чоловиќ од „Еко-свест“, точно е дека во изминатите неколку години се подобрува состојбата со високата загаденоста на воздухот во Скопје, поконкретно во општините Центар и Карпош, но дека сме уште далеку од она што се нарекува квалитететен воздух.

„Бројките на МЖСПП од мерните станици покажуваат намалување на ПМ10 честичките, во изминатиов месец, но да бидеме искрени, временските услови имаат голем придонес за тоа. Ветерот и сонцето, во комбинација, си го прават своето. Потребна е поголема акција на терен за загадувачите, но и државата да постави систем на мониторинг и поголем број на мерни станици во Скопје и во други градови, не само за ПМ10 , туку за мерење и на други штетни честички во воздухот, како сулфур, озон, азот“, вели за Мета.мк Чоловиќ.

Наспроти денешната изјава на Шилегов, како што пишуваше Мета.мк, официјалната статистика од Министерството за животна средина и просторно планирање покажа нешто помало аерозагадување во јануари 2021 година во споредба со истиот месец лани, но и поголемо загадување во декември 2020 година. Податоците од мерните станици поставени во главниот град покажуваат дека во декември 2020 година имало поголемо загадување на воздухот во споредба со истиот месец од 2019 година. Дури 24 дена од последниот месец во 2020 година, концентрацијата на ПМ-2.5 честички во воздухот на мерната станица во Центар била над максимално дозволената концентрација од 25 микрограми на кубен метар.

Сепак, треба да се потенцира дека мерните станици на ова министерство во одредени периоди не функционираат постојано со мерење на сите штетни концентрации присутни во воздухот, поради што за сите локации во Скопје не е возможно да се направи споредба меѓу две различни години за сите штетни материи во воздухот. Среден резултат на измерените концентрации во овој случај може да се извлече, но не и да се знае вкупниот број на денови во кои е премината граничната вредност на дозволени концентрации во воздухот.