Свесен сум дека сум предмет на потсмев поради поднесената кандидатура на Скопје за Европска зелена престолнина, но уверен сум дека мерките кои ги предвидовме и на кои посветено ќе работиме, ќе донесат резултати. Самото прифаќање на кандидатурата на Град Скопје, која ја ветив во мојата изборна програма, е признание дека нашата стратегија е добра, порача градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на работилницата „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина” што денеска се одржува во ЕУ Инфо  центарот во Скопје, во организација на Францускиот институт од Париз.

– Да имавме порано вакви стратегии, ќе немавме ваква животна средина – истакна Шилегов.

Набројувајќи ги досега преземените мерки за унапредување на состојбата со амбиенталниот воздух, тој го наведе засилениот мониторинг на загадувачите, кој, според него, веќе ги дава првите резулати, како и подигањата на зелени површини во градот и обновувањето на досегашните, обележувањата на возилата со налепници, субвенции за граѓаните за купување печки на пелети, за електрични возила, за чистење оџаци како и обезбедените пари за купување 40 автобуси на гас.

DSC_0039

Како среднорочна мерка за справување со аерозагадувањето во Скопје, Шилегов го наведе преземањето на топловодната мрежа.

– Сите студии досега покажаа дека загревањето на домаќинствата со цврсти горива е главниот предизвикувач на загадувањето на воздухот со ПМ честички, а во моментов дури 70.000 домаќинства во Скопје се надвор од градската топловодна мрежа – рече Шилегов, најавувајќи дека наскоро ќе бидат овозможени подобри услови грѓаните да бидат вратени на парно греење.

– Покажувањето со прст кон индустријата како главен загадувач е дефокусирање од проблемот – рече Шилегов.

Борбата со аерозагадувањето стана програма на Владата, истакна заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули во своето излагање на семинарот.

– За аерозагадувањето на Скопје, доминантен  проблем е греењето. Загадуваат домаќинствата со мокри дрва, со горење пластика, моторни масла, но често немаат друг избор. Ние мора да им понудиме алтернатива – рече Макрадули.

Според него, во 2018 година се регистрира намалување на загадувањето во однос на претходните години, што наводно се должи на тоа што се чисти повеќе и што се зголемени контролите. Истовремено, порача Макрадули, социјалната состојба на одредени семејства не смее да се користи за собирање политички поени.

Претставувајќи ја стратегијата на владата за чист воздух, Макрадули истакна дека за нејзината реализација Владата веќе има поддршка од неколку меѓународни институции.