Седиштето на германската фирма „Лудвиг Фајфер“, која го доби тендерот за изградба на канализациска мрежа во Прилеп, е во куќата на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, соопшти денеска Петре Шилегов од СДСМ, притоа обелоденувајќи документи за компанијата.

– Тоа е токму таа фирма што е избрана да ја гради канализациската мрежа во Прилеп, во рамки на милионскиот проект Пречистителна станица. Еве го имотниот лист. Сопственик на куќата од 355 квадратни метри на улица Браќа Ламески, број 32, е Миле Јанакиески. Еве ја тековната состојба на фирмата „Лудвиг Фајфер“, подружница Прилеп, регистрирана во септември 2013 година – рече Шилегов.

СДСМ побара Јанакиески да објасни како странска фирма, регистрирана во неговата куќа, го добила проектот вреден 30 милиони евра и која е неговата врска со компанијата.

Шилегов истакна дека откривањето на овој скандал не е никако поврзан со „бомбата“ што во ноември минатата година ја најави СДСМ.

– Ова е скандал сам по себе. Министер во Владата да изнајмува сопствена недвижност на фирма што добила тендер што го организирала Владата на Република Македонија. Меѓутоа, ова не е ниту ронка од она што како докази го има СДСМ за криминалните активности на оваа власт – рече Шилегов, додавајќи најавената „бомба“, поради тоа што содржи премногу сензитивни информации, ќе биде објавена кога ќе созреат условите.