Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денес го обелодени случајот со непрописното постапување со медицинскиот отпад на фирма од Битола со погон за преработка во кругот на некогашен МЗТ, за кој, како што самиот кажа дека е „скандал со ужасна содржина која треба да го вклучи алармот на другите институции“.
Тој пред новинарите денес со слики и видео документираше случај за крајно несоодветно третиран медицинскиот отпад во Скопје, нагласувајќи дека,за жал, Градот нема податоци колку долго и колку често на ваков начин се третирал овој отпад. Наместо термичка обработка и стерилизација, се случувала несоодветна обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршувал на „Дрисла“ како обичен отпад.
„Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и МЖСПП детално и во целост да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад“, истакна скопскиот градончалник додавајќи дека здравјето на граѓаните не може да трпи компромиси.
„Градот Скопје пред 50-тина дена дојде до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот на територијата на градот и затоа навремено беа известени надлежните институции“, посочи Шилегов, информирајќи ги новинарите дека Градот, откако го известиле пред повеќе од 50-тина дена, Град Скопје чекал какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство.
„Досега немаме информација дали воопшто е започната официјална истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција“, рече Шилегов и ги прозва надлежните институции, пред се ЈО, чиешто работење го нарече неодговорно.
“Време е, конечно, секој да застане зад своите обврски и да сноси одговорност за своето неработење. Оваа битка или ќе ја војуваме сите заедно, како граѓани и како институции, или сите ќе ја загубиме. А, јас немам намера да дозволам оваа битка да биде загубена. Градот секогаш ќе стои пред и зад своите граѓани“ порача Шилегов.
Осврнувајќи се на поврзаноста на овој случај со работењето на скопската депонија „Дрисла“, Шилегов рече дека, до превземањето на депонијата од концесионерите, италијанскта фирма ФЦЛ амбиенте, тој како градончлник немал увид во тоа како се постапува со медицинскиот отпад на „Дрисла“, каде тој требал да се носи само на согорување. Пред две недели ветив дека јас лично и Град Скопје, по преземање на „Дрисла“ ќе стоиме зад законско и принципиелно работење на депонијата, рече Шилегов.
Иако не соопшти за која фирма се работи, името на компанијата за која се работи, „Еко клуб 95“ со седиште во Битола, беше претходно обелоденето од некои од медиумите. „Еко клуб 95“, со канцеларии и во Скопје, има погон за преработка на медицински отпад, сместен во кругот на некогашната скопска фабрика Металски Завод Тито. Денес таму на новинарските екипи не им беше дозволено да снимаат ниту добија изајви.
„Мета.мк“, сепак, стапи во контакт со Сашо Јакимовски кој до лани бил управител на „Еко клуб 95“.
„Одговорно тврдам дека со медицински отпад се работи според сите прописи“, ни изјави Јакимовски на прашањето да ни ги искоментира обвинувњата од Шилегов, но напомена дека тој не е управител на фирмата од јуни 2019, па, како што кажа, може компетентно да зборува за тоа како „Еко клуб 95“ постапувал со медицинскиот отпад само до пред седум месеци.
Јакимовски нè упати попрецизни информации да побараме од новиот управител, за кого кажа дека е од белгиска националност, а дека новиот сопственик на „Еко клуб“ била германска фирма.
Од Јавното обвинителство, на прашањето зошто не постапиле по пријавата од Град Скопје, го добивме следниот одговор:
„Во врска со предметот за кој покажувате интерес, во Основното јавно обвинителство Скопје на 13.12.2019 година физичко лице поднесе кривична пријава за настан кој се случил на 10.12.2019 година кога лицето забележало непрописно уништување медицински отпад од страна на наведената фирма. Со оглед на тоа што пријавата не беше поткрепена со други материјални докази, надлежниот јавен обвинител веднаш истиот ден по приемот на кривичната пријава издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата. По приемот на известувањето, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување во предметот. Со оглед на тоа што предметот се наоѓа во предистражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител во моментов не се во можност да споделат повеќе детали“.