Градот Скопје во соработка со скопските општини изведува акција за масовно „ослободување“ на дрвја чиишто стебла и корења останале зарорбени во бетон и асфалт поради непрописно изведени градежни активности на улици, тротоари и објекти. До крајот на годината ќе направиме напор сите дрвја кои се означени како „заробени“ да ги ослободиме, изјави денес на прес-конференција Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје.

– Тие се прочистувачи на воздухот, тие се дел од амбиентот на градот и ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги заштитиме. Во јануари потпишавме меморандум за соработка со Шумарскиот факултет во Скопје за ослободување на 841 заробено дрво. Она што го ветив, дека до крајот на сезонава сите 200 дрвја кои се во надлежност на Градот ќе бидат ослободени, не само што во целост ќе го реализираме туку, еве, им помагаме и на другите општини, како што е Општина Центар, посебно тука во Дебар маало каде безмислосната урбанизација направи речиси сосема да се заборави на зеленилото за кое сите ние во последно време толку многу се бориме – истакна Шилегов, кој на денешната прес-конференција во скопско Дебар-маало, беше придружуван од градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Шилегов најави дека во Општина Аеродром каде има дваесетина евидентирани „заробени“ дрвја, уште во текот на денешниов ден ќе се заврши нивното „ослободување“.

– Како градоначалник кој управува со системот на Град Скопје,  настојувам ниту едно дрво повеќе да не биде уништено или означено како заробено дрво со ниту една градежна активност на локалната самоуправа. Нашите екипи досега ослободија 56 дрвја на улиците Живко Чинго, Наум Наумовски, Аминта Трети, Михаил Цоков, Мирослав Крлежа и Коле Неделковски. Не треба само да се работи на подигнување на ново зеленило туку треба да се зачува и постојното. Од досега ослободените дрвја, најмногу има на територија на Општина Центар – рече Богдановиќ.

Од надлежните служби на Општина Центар информираат дека за случаите каде стеблата на дрвјата се заробени од тераси на кафулиња и други стопански објекти инспекциите почнале да изрекуваат мандатни казни.

– Сопствениците на објектите се опоменати на повеќе локации кад што утврдивме дека дрвјата страдаат бидејќи се затворени со бетонирање или некаде се дури и вградени во конструкциите на терасите и оние кои нема самите да ги ослободат стеблат, ќе бидат санкционирани – вели Маргарита Качуркова од одделението за урбанизам на Општина Центар.

Активностите на Градот и општините околу ослободувањето на заробените дрвја се интензивираа по критиките упатени до нив од страна на екологисти и граѓани дека ништо не се прави за спас на вредното зелено богатство на дрвја во градот, како и по укажувањата од страна на Шумарскиот факултет од Скопје дека треба поинтензивно да се спасуваат повеќегодишните заробени стебла за да не дојде до исушување во жешките летни месеци.