fbpx

Шилегов бара Антикорупциска да ја провери набавката на противпожарното возило, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за корупција

-

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата, од која бара да ги испита сомнежите за постоење корупција и судир на интереси, при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Со барањето до ДКСК, Шилегов реагира на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека, набавката на возилото, вредна 1,7 милиони евра, е спроведена нерегуларно и по неразумно висока цена.

„Вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку својот фејсбук профил ширеше невистинити информации за начинот и за висината на цената на набавката на противпожарната скала, профил кој беше посочен од страна на ЕУ како извор на лажни вести. Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала“, вели Шилегов. Тој потсетува дека за прв пат Бригадата за противпожарна заштита набавува софистицирана опрема за интервенција на објекти кои имаат повеќе од 5 ката, нешто што досега беше невозможно поради немање опрема, како и дека набавката е спроведена со транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше 6 месеци и чија вредност изнесува 1,7 милиони евра со ДДВ.

На прес конференција денеска ВМРО-ДПМНЕ повторно обвини дека во набавката на противпожарното возило со скала од фирма од Будимпешта добар дел од парите завршиле во нечии џебови и дека во зделката е вклучен и зетот на секретарот на Град Скопје. 

„Договорот меѓу Град Скопје и „Хороскоп КФТ“ од Будимпешта е вреден 1.723.621 евра, а истото возило Град Загреб го платил по повеќе од двојно пониска цена, односно 794.052 евра плус ДДВ. Во оваа зделка е вклучен и зетот на секретарот на Град Скопје. Дали скоро милион евра разлика завршила во нечиј џеб и во каква поврзаност има Петре Шилегов со тоа?“, рече Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој дода дека, Шилегов мора да одговори зошто платил повеќе од двојно за оваа набавка и побара ДКСК и ЈО веднаш да отворат случај за да се истражи каде завршиле скоро еден милион евра разлика во цена. 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...