Шифрирањето на пораките на Фејсбук и Инстаграм се одложува за една година

фото: Dima Solomin на Unsplash

Се одложуваат плановите за воведување на шифрирање (end-to-end encryption) на пораките што се испраќаат на Фејсбук (Facebook) и Инстаграм (Instagram), поради спор околу безбедноста на децата, соопшти „Би-би-си“.

Матичната компанија на Фејсбук, која сега го носи името „Мета“ (Meta), соопшти дека шифрирањето на пораките на апликациите ќе се случи во 2023 година. Претходно беше најавено дека технологијата ќе биде воведена следната година.

Шифрирањето, или енкрипција, значи дека само испраќачот и примачот ќе можат да ги читаат пораките, додека органите за спроведување на законот или компанијата „Мета“ нема да имаат пристап до нив. Единствен начин да се прочитаат пораките во таков случај е да се добие физички пристап до отклучен уред што ја испратил или примил пораката.

Некои организации за заштита на децата, како и дел од политичарите во Велика Британија, предупредуваат дека тоа би можело да ја спречи полицијата при истрагите за злоупотреба на деца.

Британското Националното друштво за спречување на суровост кон деца тврди дека приватните пораки „се првата линија на сексуална злоупотреба на децата“.

Поборниците на технологијата, пак, велат дека шифрирањето ја штити приватноста на корисниците и го спречува „љубопитниот надзор“ од страна на владите и хакерите. Ова го изјави и извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, кога ги објави плановите за енкрипција во 2019 година.

Технологијата на шифрирање меѓу апликациите кои се дел од „Мета“ засега постои само кај Вотсап (WhatsApp), апликацијата за пораки.