Најмалку шест лица, меѓу кои и две деца, загинаа во ноќните руски ракетни и дрон напади врз повеќе украински градови, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Уште барем 20 лица се повредени, објави Би-би-си.
Нападите се случија само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ја одложува планираната средба во Будимпешта со рускиот лидер Владимир Путин, велејќи дека не сака „залуден состанок“.
Украинската армија во меѓувреме потврди дека во вторникот извршила напад со британски ракети „Storm Shadow“ врз руска хемиска фабрика во пограничниот регион Брјанск. Според воените власти, погоден е објект што произведува барут, експлозиви и компоненти за ракетно гориво што Русија ги користи во своето вооружување.
„Станува збор за успешен удар кој го проби рускиот противвоздушен систем“, соопшти украинската војска.
Зеленски, кој денеска треба да ја посети шведската одбранбена компанија „Saab“, неодамна се врати од разговори со Трамп во Вашингтон, каде не успеа да обезбеди американски „Tomahawk“ ракети со долг дострел.
Руските сили повторно ги насочија нападите и кон украинската енергетска инфраструктура.
