Шесте нови мерни станици, кои го мерат загадувањето на воздухот во Скопје, поставени од страна на проектот „Скопје пулс“ утринава и синоќа измерија високо ниво на загадување.

Тоа се мерните станици кај Металски Завод Тито во општина Гази Баба, кај полициската станица во Ѓорче Петров, населба Козле во општина Карпош, како и три мерни станици во Центар- кај кафулето „Излет“, кај фонтаната во Градски парк и кај Клинички Центар. Претходно беа инсталирани 10 вакви станици – во Црниче, Драчево, Сопиште, Железара, две во Аеродром, во Кисела Вода, Илинден, Бардовци, две во Ѓорче и во Гази Баба.

На Водно синоќа беа измерени 108 микрограми на кубен метар, во Козле 241, МЗТ-Гази Баба 260, во Парк 102, кај „Излет“ 145 и во Ѓорче Петров 158 микрограми на кубен метар.

Овие мерни станици на „Скопје пулс“, проект на компанијата „Нетцетера“, се независни од мрежата мерни станици на Министерството за животна средина независни и мерат концентрации на ПМ10 и ПМ 2,5 честички, како и квалитет на воздухот (AQI) по што информациите кои тие ги испраќаат веќе можат да се следат на апликацијата „Мој воздух“.

На апликацијата „Мој воздух“, станиците што се дел од волонтерската „Скопје пулс“ мрежа, во името содржат “(Pulse)”.

Сега во Скопје, има вкупно 22 мерни станици во Скопје од кои 16 се независни. Во моментов постојат вкупно 35 мерни станици во државата чиишто податоци можат да се следат на апликацијата „Мој Воздух“, со тоа што мерните станици на Министерството во некои од најзагадените делови на Скопје – Гази Баба и Лисиче не работат од 14 август односно 5 октомври.